Албанската опозиција планира да ја блокира работата на Собранието, комисиите и пленарните седници, доколку нивниот предлог закон за државјанство не биде ставен на дневен ред на комисијата.
Координаторот на парламентарната група на коалицијата АА-ААА, Скендер Реџепи, вели дека до сега матичната комисија имала одржано две седници, но нивниот закон не бил ставен на дневен ред.
„Го доставивме до матичната комисија, ќе испратиме и до Претседателот на Собранието, моментално немаме позитивен одговор, ќе бидеме обврзани да преземаме демократски мерки. Тоа е: Пречка во матичните комисии со кои управуваме, целосно да се блокираат, недостиг на кворум, но ќе се дебатира и за целосно блокирање на Собранието“, истакна Скендер Реџепи.
Премиерот Зоран Заев смета дека блокада не е потребна за ова прашање. Го повтори ставот дека се за решавање на проблемот, но предлогот на албанската опозиција со тројца сведоци да се докаже државјанството и натаму е неприфатлив.
На прашањето дали се подготвени да се откажат од предлогот за „три сведоци“, Реџепи вели дека за се сакаат да дискутираат во матичната комисија.
„Ние сè ќе дискутираме заедно. Нема барање. Нема никакво барање, ниту амандман. Тоа е само желба на премиерот, меѓутоа тој не е пратеник. Од парламентарната група на СДСМ ќе треба да дојде таков предлог, за да разговараме. Како да разговараме кога немаме ништо на хартија“, вели Скендер Реџепи.
Уште во јануари министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека отвориле дебата за законски измени за законот за државјанство.
Но, два месеци по оваа изјава на министерот, се чини Владата сè уште нема постигнато ништо.
Освен тоа, премиерот рече дека и Министерство за правда работи на тоа прашање и на изработка на против-предлог.
Но, изгледа Министерот за правда не знае ништо за тоа.
Официјално од страна на државата е потврдено дека 850 лица немаат државјанство, а од албанската опозиција тврдат дека бројката е многу поголема.
