Х. К., 56-годишен Австриец од Виена, кој живее и работи во Загреб, синоќа ги уби своите три деца во населбата Млинови – близнаци (момче и девојче) на седумгодишна возраст и син на четиригодишна возраст. Потоа објави порака на Фејсбук, и се обиде да се самоубие со труење.
Неговиот пријател, кој видел проштална порака на Фејсбук, ја известил полицијата за можен обид за самоубиство, а кога полицијата пристигнала на местото на злосторството, го пронашла мажот и трите мртви деца.
Тој бил веднаш префрлен во болница, каде во моментов неговата состојба е стабилна.
Според тамошните медиуми, на него му се заканува затворска казна до 50 години.
Државниот секретар во Министерството за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика Маргарета Маџериќ свика прес -конференција за убиството.
Таа вели дека се шокирани, и дека сосема е несфатлив овој настан.
„Ситуацијата е страшна. Изразувам најискрено сочувство, пред се на мајката, но и на целото семејство. Семејството беше во Центарот за социјална заштита за време на советувањето во 2018 година кога се разведуваа. Родителите дојдоа заедно, и имаа договор за заедничка грижа и после тоа немаше никаква акција. Центарот немаше ниту една поплака, ниту од поединци, ниту од мајката или какви било наводи што би укажале на насилство “, рече државниот секретар.
Таа ги повика сите секогаш да пријавуваат насилство доколку имаат информации.
