Државниот врв со честитки по повод Фитр Бајрам. Сепак, не заборавија да ги пренесат и надежите за надминување на коронавирус. Претседателот Стево Пендаровски изрази жалење што овој Рамазан поминал обременет со пандемијата.
„Ви благодарам за истрајноста, внимателноста и дисциплината. Се надевам дека збогатени со духовната сила која ја дава Рамазан бајрам и понатаму ќе останеме посветени, одговорни и солидарни и ќе излеземе како победници во борбата со епидемијата чиј крај, благодарение на започнатата вакцинација, веќе се наѕира“, истакна Стево Пендаровски.
Во своето и името на 120 пратеници во Собрание, празникот го честиташе и собранискиот спикер Талат Џафери, пишувајќи дека овој Бајрам доаѓа како круна на светиот месец Рамазан.
„Празниците се споделува со блиските, со далечните, со познатите и непознатите, меѓутоа, овие години на пандемија наметнаа поинакви правила и го смалија кругот на луѓето со кои сме опкружени, сепак, тоа не нѐ спречува да споделуваме убави зборови, да пружиме рака на поддршка и да бидеме од помош таму каде што има потреба“, посочи Талат Џафери.
За премиерот Зоран Заев, во овие тешки моменти како последица на пандемијата, светиот празник Фитр Бајрам донел надеж за нов почеток, додавајќи дека ја поттикнува вербата на луѓето во доброто, вистината и правдата.
„Крајот на постот и благодетите стекнати за време на месецот на одрекувањето и воздржувањето, нека ве украсат со дух на трпение, несебичноста и дарежливоста. Да се соочиме со предизвиците, кои ги носи оваа глобална здравствено-економска криза, водени од желба за меѓусебна почит, разбирање и солидарност“, порача Зоран Заев.
Честитки испратија и партиските лидери, односно претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ДУИ, Али Ахмети, на Алијанса за Албанците Зијадин Села, на Алтернатива Африм Гаши, лидерот на Беса, Биљал Касами, како и претседателот на ДПА, Мендух Тачи.
