Државните лидери ја честитаа Новата година: Европската интеграција, единството и развојот – приоритети за 2026 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Годината што изминува беше обележана со длабоки глобални кризи и големи предизвици, додека Македонија водеше јасна европска надворешна политика и започна клучни реформи во правосудството, борбата против корупцијата, како и во економскиот и енергетскиот развој, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето новогодишно обраќање. Таа како најтежок момент ја издвојува трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека правдата останува трајна обврска.

„Посакувам Новата година да биде време на чекор напред кон траен светски мир, поткрепен со меѓународното право и меѓународните институции; посакувам да станеме членка на Европската Унија, решени да живееме во средина на владеење на правото, демократија, економски просперитет и здрава животна средина.“, изјави Сиљановска-Давкова.

„Да ја започнеме Новата година како ново поглавје со отворено срце, со неизбледнета надеж и верба во нашиот потенцијал како општество“, порача претседателот на Собранието, Африм Гаши, во своето новогодишно обраќање, истакнувајќи дека 2025 година за Парламентот била година на посветена работа и чекори што оставиле трага.

„Оваа година нè потсети на една суштинска вистина: дека одржливиот напредок не произлегува само од процеси и реформи, туку од единството, зрелоста за градење консензус и од меѓусебната доверба. Само кога стоиме заедно, со почит и волја да ги испреплетеме разликите, како и со одговорност кон нашиот заеднички дом, можеме да изградиме поправедна и посветла иднина за сите нас.“, рече Гаши.

Посакувајќи здравје, мир и сила во Новата 2026 година, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека годината што ја оставаме зад нас за Владата била година на стабилизација, реформи и поставување темели, додека годината што доаѓа ја гледа како година на видливи реализации на планираните проекти.

„Со право можам да кажам дека 2026 година ќе биде година на движење и трансформација! Година на раст, со реализација на значајни инфраструктурни проекти. Година на економско зајакнување, со нови инвестиции, поддршка за економијата и отворање можности за работа и развој. Година на политичка стабилност, во која институциите ќе функционираат појасно, поефикасно и поодговорно.“, рече Мицкоски.

Среќна, плодна и успешна Нова година им посакаа и многу други државни функционери, како и лидерите на политичките партии.