Државно или приватно земјиште? – Фаик Зекири: Мое е, општина Бутел не може да го земе

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На оваа парцела во скопско Радишани, општина Бутел поставува водоводни цевки. Но еден жител, Фаик Зекири тврди дека земјиштето е негово и дека поседува документи дека земјиштето е купено во 1979. Тој вели дека утрово дошла и полиција.

„Новиот градоначалник на Бутел, Дарко Костовски се обиде да го земе ова, што ќе прави и до каде ќе оди не знам. Погрешно почна. Сакам да ги известам сите од владата да преземат мерки. Ако мислат дека е државен имот, тогаш нема потреба да носат полиција“, вели Фаик Зекири.

Соседот на Фаик, Џемшит Аземи вели дека сите одоколу знаат дека земјиштето е негово а не државно.

„Ние знаеме оваа нива чија е, прво беше жената на Осман а потоа го ополномошти Османи, потоа ја даде на Фаик, ова земјиште е негово, има документи, тие сакаат да го направат државно земјиште, не знам што да кажам повеќе, ние сме на мака од нив“, вели Џемшит Аземи. 

Од друга страна, градоначалникот Дарко Костовски вели дека оваа парцела на која се започнати работите, е  државно.

„Станува збор за парцела на Република Македонија, општината има одредени активности со цел да пренасочи природна вода која пречи на учениците на ОУ Ацо Шопов, Радишани“, вели Дарко Костовски.

Но, Фаик Зекири ангажирал и адвокат, за, како што вели, да не дозволи да му го одземат имотот. Тој додава дека неколку пати побарал да разговара со градоначалникот на општина Бутел, но како што вели, тој не го примил.