ДС најавува блокада на изборниот закон – Трајанов: Ова е обид за елиминација на помалите партии

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Локалните избори сепак ќе се одржат на 17 октомври иако, претходно премиерот Заев даде предлог тие да се одржат на 31 октомври за кампањата да не се поклопи со пописот. Се работи само три дена и тука нема да има голем проблем, рече Заев. Сепак се уште нема конечен договор околу измените на изборниот законик околу предвидениот праг на отворените листи, но исто така и за зголемувањето на прагот за  независните кандидати.

„Датумот за изборите е 17 октомври, а истовремено, прагот за поднесување на независните листи е во предложеното решение 2 посто, од вкупниот број на избирачи. Ако има општината 10 илјади избирачи, треба 200 потписи за да се поднесе независна листа, ако има 50 илјади избирачи треба илјада потписи“, истакна Зоран Заев.

Од малите партии велат дека нема да прифатат измени отворените листи да бидат со предвиден праг од 3 посто, но и она што сега се предлага со процентот за независните кандидати. Ваков закон ќе го блокираме најавува Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.

„Ние предлагаме по природен начин да се формира редоследот на листата, независно дали си прв или не знам 13-ти ако има 13 советници општината тој што ќе има најмногу гласови и редоследот се прави по вкупен број на освоени гласови што е многу просто и едноставно. За отворените листи се утврдува да има праг од 3 посто од запишаните гласачи. Значи обид е за елиминација, инаку карактеристика на ваквите модели каде што се става висок праг е на тоталитарните држави. Сметам дека Македонија тоа време го помина“, посочи Павле Трајанов.

За ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив датумот и велат дека нема потреба од никакви договарања бидејќи тоа е предвидено со закон.

„Нема потреба од меѓупартиски договори останати состаноци и преговарања, бидејќи сите како ВМРО-ДПМНЕ, како СДСМ така и институциите треба да го почитуваат единствено Законот, а, Законот налага дека 17 октомври е датумот за локалните избори“, посочи Димче Арсовски.

Локалните избори треба да ги распише претседателот на Собранието Талат Џафери, кој уште претходно најави дека тоа најверојатно ќе биде на крајот на овој или најдоцна на почетокот на идниот месец.