Ескалација во Приштина: Демонстранти се обидоа да го блокираат косовското Собрание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Протестот околу државните институции и Собранието на Косово во Приштина ескалираше вечерва, по што полицијата употреби солзавец за да овозможи безбедно излегување на пратениците и државните функционери од парламентарниот објект и да ја стави ситуацијата под контрола.

Косовската полиција соопшти дека дел од демонстрантите фрлале различни предмети, пиротехнички средства и огномети кон државните објекти, а биле запалени и неколку контејнери за отпад и огнови на улиците.

Според полицијата, дел од демонстрантите се обидувале да го спречат слободното движење и излегувањето на пратениците од Собранието, при што некои од нив биле принудени повторно да се вратат во зградата.

Од полицијата велат дека претходно упатиле повеќе повици до демонстрантите да го почитуваат законот, да протестираат мирно и да не ја оштетуваат јавната сопственост. Сепак, поради продолженото фрлање предмети и пиротехнички средства и блокирањето на движењето, полициските службеници презеле дополнителни мерки.

„И покрај континуираните барања и повици од полицијата за почитување на законот и мирно протестирање, полициските службеници беа принудени да употребат законски полициски средства, солзавец, за да овозможат излегување на функционерите од Собранието и да ја стават ситуацијата под контрола“, се наведува во соопштението.

Полицијата информира дека е причинета материјална штета, но засега нема информации за лица со сериозни повреди.

Од косовската полиција нагласуваат дека го признаваат правото на граѓаните на мирен и демократски протест и изразување незадоволство, но апелираат учесниците да не ја оштетуваат јавната сопственост и да ги почитуваат законите.

Додека протестот продолжува, полициски службеници ќе останат присутни на теренот, со цел да се обезбедат јавниот ред и безбедноста, како и државните објекти.

АГК со апел до новинарите

Асоцијацијата на новинари на Косово (АГК) упати апел до новинарите, снимателите, репортерите и останатите медиумски работници кои известуваат од протестот да бидат особено внимателни и да ја стават личната безбедност на прво место.

Од АГК посочуваат дека полицијата употребува солзавец и водени топови, додека демонстрантите фрлаат пиротехнички средства кон полицијата, поради што медиумските екипи кои се наоѓаат во близина на местата на судирите се изложени на дополнителен ризик.

Асоцијацијата ги повика редакциите да им обезбедат на новинарите и останатите медиумски работници соодветна заштитна опрема за известување од вакви ситуации и да не ги изложуваат непотребно на опасност.

Истовремено, АГК ги повика сите новинари на терен да одржуваат безбедно растојание од местата каде што има судири меѓу демонстрантите и полицијата и да избегнуваат непотребно изложување на ризик.