ДУИ: Балансерот трн во око за Владата – Мицкоски: Закон за правична застапеност според стандардите на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законот за правична и соодветна застапеност, со неколку мали доработки предложени од Венецијанската комисија, го подготвува Владата пред да биде доставен до Собранието во 2026 година. Но, на пратеничките прашања во последниот четврток од годината, ова прашање стана тема на дебата меѓу власта и опозицијата. Пратеничката од ДУИ, Рина Ајдари, му постави прашање на премиерот зошто Балансерот бил укинат уште во првите денови од мандатот на Владата.

– Зошто Балансерот беше трн во око за целото парламентарно мнозинство и го укинавте уште на почетокот на вашата работа во извршната власт? Како може толку лесно да се укине еден елемент што гарантираше правична застапеност при вработувањето на граѓаните и да мислите дека ќе бидете перципирани како еднакви во очите на граѓаните, предлагајќи или поддржувајќи вакви закони? За жал, има многу контрадикторности и нејаснотии околу ова прашање, кое е исклучително чувствително за граѓаните и истовремено загрижувачко, изјави Рина Ајдари, пратеничка од ДУИ/ЕФ.

Премиерот Христијан Мицкоски одговори дека граѓаните треба да ја знаат вистината, дека владата на ДУИ и СДСМ препорачала укинување на Балансерот и дека поради тоа ДУИ им должи извинување, пред сè на албанските граѓани. Мицкоски изјави дека Законот за правична застапеност, изработен од оваа Влада, се подготвува според методологијата за членство во Европската Унија.

– Не е точно тоа што го кажавте за Балансерот. Зошто? Затоа што вашата влада, во која вие бевте дел, а прв вицепремиер беше Артан Груби, каде ДУИ беше силен партнер во владејачката коалиција, донесе одлука Балансерот да се избрише како инструмент, бидејќи му истекол рокот. И второ, Уставниот суд, во кој денес седат судии избрани од поранешното парламентарно мнозинство на ДУИ и СДСМ, донесе одлука – а вие овде од говорницата изнесувате невистини тврдејќи дека тоа е одлука на оваа влада – што не е точно, рече премиерот Христијан Мицкоси.

Предлог-законот за правична и соодветна застапеност на почетокот на декември доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, како закон што не е во спротивност со Уставот на државата. Сепак, сè уште не е познато кога ќе биде доставен до Собранието за да влезе во процедура.

Овој нацрт-закон, изработен од Владата, претставува замена на Балансерот, кој повеќе од две децении служеше како метод за избор на вработени во јавната администрација врз основа на етничката припадност. Ова честопати беше злоупотребувано од апликанти за вработување во јавните институции, кои се пријавувале под друга етничка заедница од онаа на која навистина припаѓаат.