Мицкоски: Се градат шест автопати, два гасовода и 1.230 проекти се градат во моментот

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 говорејќи за сработеното во досегашниот мандат, ги издвои инфраструктурните проекти, изградбата на автопати и гасоводи, зголемувањето на пензиите и инвестициите во образованието и студентскиот стандард.

Мицкоски посочи дека во моментов се градат шест автопати и два гасовода, а во општините се реализираат вкупно 1.230 проекти.

„Шест автопати се градат, два гасовода се градат, историско зголемување на пензиите“, рече премиерот, одговарајќи на прашањето кои проекти би ги издвоил доколку треба да поднесе отчет пред граѓаните за досегашната работа на Владата.

Тој ги посочи и инвестициите во студентските домови, наведувајќи дека се работи на подобрување на условите за младите, како и на изградба и реконструкција на училишни објекти. Мицкоски најави и активности поврзани со училиштето „Крсте Мисирков“ во Ченто.

Од инфраструктурните проекти, премиерот ги спомена експресните патишта Страцин – Крива Паланка и Градско – Фариш – Дреново, како и железничката пруга Куманово – Бељаковце и продолжувањето на железничката врска кон бугарската граница.

Меѓу проектите што ги наведе се и планираните брзи патишта од Кочани преку Виница до Делчево, како и од Радовиш до Струмица.

На прашањето дали има проекти што Владата не успеала да ги реализира и покрај намерата, Мицкоски одговори дека такви случаи има.

„Па, нормално е дека има и такви работи“, рече премиерот, без да посочи конкретни проекти што не биле реализирани.