Коалиција со ДУИ? Мицкоски: Имаме стабилна коалиција

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Премиерот Христијан Мицкоски во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 вели дека во моментов не размислува за промена на владејачките партнери и дека Владата функционира стабилно. Тој нагласи дека коалицијата има воспоставена соработка со ВЛЕН и ЗНАМ и дека приоритет е исполнувањето на ветувањата кон граѓаните.

Одговарајќи на прашањето дали би направил коалиција со ДУИ по следните редовни парламентарни избори, доколку партијата освои повеќе пратенички мандати, Мицкоски рече дека не сака да коментира хипотетички сценарија.

„Ние имаме партнер, тоа е политичката партија Вреди, односно ВЛЕН, и политичката партија ЗНАМ. Апсолутно не размислуваме да менуваме партнери, бидејќи мислам дека досега функционираме добро“, изјави Мицкоски на ТВ21.

Тој посочи дека во политиката треба да се размислува и за можните идни предизвици, но повтори дека во моментов Владата е фокусирана на реализација на своите политики.

„Ние сме коалициска влада, имаме партнери, функционираме и кохабитираме одлично до овој момент. Како ќе биде понатаму, не знам. Може да се јават предизвици кои наеднаш ќе ја променат состојбата, но во овој момент можам да кажам дека состојбата е стабилна“, рече премиерот.