ДУИ бара корекција на изборните граници, Заев вели прво попис, Мицкоски да се почитуваат ОБСЕ ОДИХР

НАЈНОВИ ВЕСТИ


ДУИ инсистира на промени во изборниот законик во делот на границите на изборните единици. Од оваа партија велат дека постои голема несразмерност од една до друга изборна единица и затоа најавуваат преку амандмани да интервенираат во законот. Бујар Османи вели дека и покрај краткиот рок изборните единици можат да бидат избалансирани, бидејќи, како што оценува тоа е прашање кое е исклучително важно и дека од него зависи законитоста на изборниот процес.

-Отстапувањето од законските 5 проценти во четири изборни единици го прави изборниот процес незаконски. Тие се препораки на ОБСЕ ОДИХР, тие се важни за изборите, тие се исто така важни за оценката на изборите од страна на меѓународната заедница. Но свесно да го кршиме законот и да одиме во нелегален процес, мислам дека ризикуваме многу аспекти. Ризикуваме дека некој ќе ја оспори на Уставен законитоста на изборниот процес-рече Османи.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев вели дека е опасно да се прекројуваат изборните граници без спроведен попис на населението.

-Податоците што ги имаме се од пописот 2002 година и ако нешто тргнете да менувате, сите заедно, макар и да е со консензус мора да има соодветна база и аргументација. Кој податок да го земеме? После миграциите од 2002 до денеска, еве 18 години можеме да направиме непоправлива штета-рече Заев.

Лидерот на ВМРО – ДПМНЕ вели дека веќе разговарале со СДСМ за изборниот законик и дека е договорено да се применат препораките од ОБСЕ ОДИХР.

-Апелирам до сите политички партии да го напуштат оној дневно политички театар кој што го прават, едноставно да покажат зрелост да влезат во парламентот и тоа што е препорака на ОБСЕ ОДИХР за да имаме колку толку кредибилен изборен процес да го поддржат-рече Мицкоски.