Демократската унија за интеграција очекува да се отвори и прашањето за знамето. Пратеникот Блерим Беџети истакна дека и Албанците во земјава треба да го чувствуваат државното знаме како свое. Според него, националното знаме на Македонците треба да се одвои од државното. Тој вели дека партијата би учествувала и во дискусиите за промена на државниот грб, химната, како и за отстранување од Уставот на формулацијата за албанскиот јазик.
„Секако и во делот на Законот за албанскиот јазик, но и за државното знаме за да има чувство дека е на сите. Мислам дека во овој пакет, македонското национално знаме треба да се одвои од државното знаме“, изјави Блерим Беџети од ДУИ.
Иако премиерот Христијан Мицкоски рече дека е отворено прашањето за грбот, министерот Арбен Таравари тврди дека ќе се зборува и за химната и за јазикот.
„Во пакет да ги решиме, зошто да не тука да биде и грбот и химната и 20% и други ако има етнички прашања и да се фокусираме и концентрираме веќе на економија, антикорупција, евроинтеграции“, изјави Арбен Таравари од коалицијата ВРЕДИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, соопштија дека нема да разговараат за химната.
„Ниту некогаш било разговарано за промена на химната, ниту пак во иднина ќе се разговара. Граѓаните може да бидат спокојни. Времето на ДУИ и СДС на губење и порази на сите теми, со цел да се затскрие криминалот, помина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ нагласија дека нема да поддржат промена на грбот и сметаат дека власта со овие теми дефокусира. Оттаму не даваат одговор како би гласале за промена на формулацијата со 20%.
„Парцијално даваат изјави, секој ден по нешто ново, така што ќе биде најдобро да почекаме да видиме што ќе биде предлогот, па тогаш да дискутираме, но во секој случај ние веќе претпоставивме дека ќе отворат многу горливи прашања и дека тоа нема да биде така лесен процес“, изјави Даниела Николова од СДСМ.
За промена на државните симболи и отворањето на Уставот е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
