ДУИ го изгуби Полог, Албанците Брвеница – Касами победи во Тетово, а Таравари во Гостивар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Билал Касами забележа победа во Тетово. Тој со разлика од околу 6 илјади гласа ја порази Теута Арифи од ДУИ, која раководеше со Тетово последните 8 години. Касами од градскиот плоштад рече дека следните четири години ќе работи за да го претвори Тетово во европски град.

„Им се заблагодарувам на сите активисти на Движење Беса, Алијанса за Албанците, без разлика дали се Албанци, Турци или Роми. Од срце ви благодарам и ви гарантирам дека на поддршката ќе ви возвратам со работа, ангажман и посветеност. Ви гарантирам дека Тетово по четири години ќе биде европски град со подобри услови за живеење“, истакна Биљал Касами.

Од седиштето на Арифи, во присуство на локалните функционери, таа го прифати поразот велејќи дека граѓаните одлучиле таа да не раководи со општина Тетово.

„Ние како ДУИ не успеавме да победиме, од досегашното броење на гласови повеќе гласови има мојот противкандидат. Имавме интензивна кампања, кампања каде сите ги презентиравме нашите програми, но како што велиме секогаш, граѓаните и народот се тие кои одлучуваат“, посочи Теута Арифи.

И следните четири години со Гостивар ќе раководи Арбен Таравари, кој по втор пат го порази Бејта од редовите на ДУИ.

„На овие избори во Гостивар освоив околу 18 илјади гласа, а Али Ахмети 12 илјади гласа, како што рече и Теута, на овие избори противник не беше Бејта, туку Али Ахмети и целата Влада, Оливер Спасовски, ИВЗ, Претседателот на Собранието, Премиерот и целата Влада кои минатите 2 недели беа во Гостивар“, вели Арбен Таравари.

Шефот на општинскиот штаб, Башким Хасани од редовите на ДУИ, обвини дека биле злоупотребени општинските средства и дека ВМРО и Алијанса се обединиле во оваа општина.

„За жал не успеавме да го убедиме електоратот на ВМРО, електорат кој и за нивни политички цели одлучи со Гостивар и следните четири години да раководи сегашниот градоначалник заедно со ВМРО. Сега видовме зошто не е работено четири години и средствата и финансиите кои требаше да се инвестираат овие четири години за доброто на граѓаните на Гостивар, денеска беа искористени за купување гласови и злоупотреба на волјата на граѓаните“, додаде Башким Хасани.

ДУИ на овие избори доживеа пораз во најголемите општини на Полог како што се Тетово и Гостивар. Од другите пет општини, со Врапчиште повторно ќе раководи Исен Шабани, а во Брвеница победи ВМРО-ДПМНЕ.