ДУИ обвинува дека се врши систематско исклучување и маргинализација на Албанците од клучните структури во Армијата. Ги обвинуваат владините коалиционери ВРЕДИ кои ги нарекуваат избраници на ВМРО-ДПМНЕ, дека ништо не преземаат да го запрат ова.
„Маргинализацијата на Албанците не запира само со исклучувањето од раководните позиции туку се проширува и во системот на военото образование. Загрижувачки е што наместо да помогнат во решавањето на овој проблем, избраниците на ВМРО-ДПМНЕ кои играат улога на „албански претставници“ само ја легитимираат оваа неправда“, велат од ДУИ.
Обвинувањата ги отфрли министерот за здравство Арбен Таравари, кој само рече дека ДУИ е опозиција и работа и е да критикува. Но до каде е законот за правична застапеност кој треба да го замени Балансерот за кој и самиот Таравари уште пред неколку месеци уверуваше дека е готов и дека наскоро ќе се најде на усвојување.
„ДУИ е опозиција и тоа и е работа да критикува нон стоп. Јас мислам дека законот е при крај, се надевам дека набргу ќе излеземе заедно со премиерот и сите коалициони партнери да кажеме дека законот треба да ја почне процедурата во парламентот“, вели Арбен Таравари.
Во врска со исклучувањата на Албанците од институциите ДУИ деновиве испратила писмо до меѓународните партнери во кое тие нагласија дека се издвојуваат само 12% од буџетот за културни проекти, а дека состојбата во одбраната е алармантна и дека со тоа се загрозува мултиетничката структура на државата.
