Конгресот на ДУИ, закажан за 20 декември, доаѓа како најделикатниот политички момент за партијата од нејзиното основање. По повеќе од дваесет години доминација на политичката сцена кај албанскиот електорат, Демократската унија за интеграција за првпат се наоѓа во ситуација без централна и без локална власт. Оваа состојба неминовно наметна самoанализа и храбри одлуки, кои се очекува да бидат разгледани на овој Конгрес. Изјави за реформи често имало во ДУИ, но какви треба тие навистина да бидат?
„Сметам дека ДУИ овој пат, покрај реформата на луѓето кои стоеле на чело на процесите изминатите 20 години, треба повеќе да се фокусира на внатрешната партиска организација и на функционализирањето на партијата како орган кој има свои структури во рамките на партијата.“, порача Сефер Селими.
Политичките познавачи велат дека заморот на јавноста од истите фигури директно влијаел врз падот на поддршката за партијата, поради што е потребна нова енергија. Аналитичарот Сефер Селими вели дека оваа ситуација бара длабоки структурни интервенции.
„Потребно е длабоко преиспитување и од самите луѓе кои повеќе од 20 години се во политика и се истрошени во очите на јавноста, со што ќе се овозможи отворање на патот за нови енергии, за нови личности.“, вели Сефер Селими.
Со години, партијата функционирала врз еден лидерски модел, па Селими вели дека ДУИ постепено треба да создаде стабилни органи кои ќе можат да опстојат и во моменти кога лидерот Али Ахмети нема да биде на чело на партијата.
„Досега бевме сведоци дека главниот товар го носеше митот или авторитетот на претседателот на партијата, Али Ахмети, кој, искрено, успеа да ја влече партијата кон победи само врз основа на својот капацитет како политичка фигура. Според мене, време е ДУИ полека да започне со одвојување од митот на Али Ахмети и да започне да создава органи кои ќе бидат стабилни и ќе можат да опстојат и во моменти кога г. Ахмети нема да биде на чело на партијата.“, вели Сефер Селими.
Од ДУИ изразуваат уверување дека по конгресот партијата ќе биде поконсолидирана и со нова енергија во насока на остварување на своите цели.
„ДУИ секогаш била авангарда на албанската политичка сцена, не само по кадарот, туку и по политиките и вредностите што ги промовирала, и како резултат на тоа ја добивала поддршката од граѓаните. Затоа очекуваме успешен конгрес, каде ДУИ ќе биде уште поконсолидирана и поенергична во насока на реализација на своите определби.“, вели Арбер Адеми.
Со оглед дека остануваат уште четири дена до одржувањето на конгресот, ДУИ е пред одлучувачки избор: или ќе продолжи со истиот пристап и истите политички актери, или ќе отвори ново поглавје со суштински промени. Конгресот на 20 декември се очекува да биде моментот кога оваа поделба ќе стане јасна, бидејќи без конкретни чекори, секоја најава за реформа останува само декларативна.
