ДУИ настојува „победник со победник“, Заев: „Потребна ни е албанска партија, но граѓаните сакаат промена“

НАЈНОВИ ВЕСТИ


ДУИ настојува на принципот „победник со победник“ и бара истиот да се спроведе по изборите закажани на 12-ти април, изјави потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити во емисијата „Клик Плус“. Меџити е убеден дека ДУИ ќе победи во албанскиот блок и дека ќе биде дел од Владата.

-Ние го наметнавме принципот „победник со победник“, бидејќи тогашната ДПА, каде што беше и Зијадин Села, како губитник влезе во Влада со ВМРО-ДПМНЕ. Ние го наметнавме, и за 18 месеци, она што го кажа и г.Али Ахмети, ние ја победивме таа Влада-рече Меџити.

Го прашавме и лидерот на социјалдемократите – дали доколку освои доволен број гласови, би формирал Влада без албанска партија, на што тој одговори дека за да има стабилност, коалицијата треба да се состои од уште една албанска партија.

А на прашањето – што би се случило доколку би се нашол во ситуација да бира помеѓу ДУИ и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Заев со одговор дека граѓаните покажале дека сакаат реформирани партии.

Партијата која е во коалиција со СДСМ, Движењето Беса, веќе изјави дека тие се „за“ формирање постизборна коалиција со АА-Алтернатива, бидејќи како што рече потпретседателот на партијата, Кастриот Реџепи, нивниот единствен опонент е ДУИ.

-Нормално, и претходно реков дека нашиот опонент е ДУИ. Ние сакаме да донесеме промена и во овој правец ја гледам и коалицијата на Алијанса, како опција која може да ја донесе промената-изјави Реџепи.

Принципот „победник со победник“ предвидува новата Влада да ја формираат победникот од македонскиот и победникот од албанскиот блок. Овој принцип беше прекршен на последните парламентарни избори, кога ДУИ не успеа да постигне договор за формирање Влада со ВМРО-ДПМНЕ, па 3 и пол години владееше со СДСМ. Дека треба да важи принципот „победник со победник“ се произнесе и коалицијата Алијаса-Алтернатива.