ДУИ не го послуша Касами, ќе слави во Тетово – Ахмети: Имам понуди за одржување концерти за една година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Дозволете ми од тука да ѝ упатам пријателска покана на ДУИ, да не оди по паметот на Артан Груби и на 4-ти јуни да слави во Тетово по сето она што му се случи на Тетово и на тетовци во овие три трагични дена. Да размислат и да не ги провоцираат тетовци како што ги провоцираа на фудбалски натпревар кога предизвикаа отворен конфликт меѓу Скопје и Тетово“, истакна Биљал Касами.

И покрај овој апел на Биљал Касами, ДУИ вечерва сепак ќе ја одржи прославата на плоштадот „Илирија“ во Тетово по повод 20-годишнината на партијата.

Со критики за прославата на интегративците се јави и Алијанса за Албанците.

„Тие можат да слават, па дури и да прават свадби. Но, ова е доказ дека воопшто не се грижат за животот на граѓаните, туку нивен приоритет е личниот и партискиот интерес“, вели Елми Азири.

Во јавноста се шпекулира дека ДУИ за овие прослави ќе потроши 100 илјади евра, а кој ги покрива овие пари, открива самиот Али Ахмети:

„Нека знаат оние кои се вознемируваат, има десетици и десетици бизнис луѓе кои доброволно ми понудија да ги покријат како донатори, бидејќи и тие го чувствуваат празникот, и тие чувствуваат дека успеале да напредуваат, да успеат. Така што, сета оваа солидарност не само за овие два концерта, туку толку многу понуди имам кои се од срце, што ДУИ цела година може да организира концерти“, вели Али Ахмети.

Наместо опозицијата да им честита на ДУИ и Ахмети за 20-годишнината, тие обвинуваат, заклучи лидерот на интегративците.