Објавувајќи го овој документ од Централниот регистар од 17 август, опозициската ДУИ вели дека ВЛЕН пред граѓаните се претставува како обединет субјект, но документот покажува дека Движењето БЕСА и натаму фигурира како активна партија, со Билал Касами како претседател и со неограничено овластување. Поаѓајќи од ова, интегративците обвинуваат дека „ВЛЕН постои како име за пропаганда и дека партиите, претседателите, печатите и личните интереси продолжуваат одделно“.
„ВЛЕН е структура конструирана за да го расцепка албанскиот глас, да ја намали неговата политичка тежина и одлучувањето да им го предаде на други центри на интерес. Маглата околу организацијата, финансирањето и политичките спонзори на овој проект само ги зголемува сомнежите за неговата вистинска цел. Политичка измама, спакувана како обединување. Група лични интереси, продадена како национална кауза.“, вели ДУИ.
Запрашан за ова, портпаролот на ВЛЕН, Дритон Сулејмани, рече дека повеќе не функционираат како одделни политички субјекти и дека се во завршна фаза од правните процедури, кои, според него, многу наскоро ќе доведат до официјално регистрирање на партијата во Централниот регистар.
„Работиме и на заедничко седиште, бидејќи ако ја видите нашата работа сега, ја развиваме во неколку објекти. Сме во завршните фази, се работи во таа насока. Нема сомнеж дека ВЛЕН веќе е политички субјект, така функционираме, функционирањето го имаме како еден субјект, но има некои повеќе технички процедури кои сè уште не сме успеале да ги завршиме и се при крај.“, вели Дритон Сулејмани.
ВЛЕН беше формиран како коалиција на албанските опозициски партии за изборите во 2024 година, обединувајќи ги БЕСА, Алтернатива, Демократското движење и едното крило на Алијансата за Албанците, кои како ВЛЕН станаа дел од владата со ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ.
По изборите, коалицијата го започна процесот на политичко обединување и во мај 2026 година петте составни субјекти се споија во еден единствен политички субјект под името ВЛЕН.
