Демократската унија за интеграција (ДУИ) не отстапува од барањето за одржување на предвремени парламентарни избори идната година заедно со локалните. Според нив, предвремени избори се решение за кризата на легимитетот.
„ДУИ оценува дека вистинското лидерство ја покажува својата сила во моментите на отчетност. Повикот за предвремени избори, заедно со локалните избори во октомври, не е само политичко барање, туку демократска можност сите страни да ја потврдат довербата од граѓаните, особено во време на криза на легитимитет.
Ние сме подготвени да се соочиме со гласачите и да се вклучиме во транспарентен процес кој ја рефлектира волјата на секој граѓанин. Во вакви времиња, граѓаните заслужуваат лидери кои не ги избегнуваат предизвиците на демократијата, туку ги прифаќаат со отворено срце. Ние сме тука, подготвени и уверени во мандатот што ни го довери народот.
Дополнително, предвремените избори заедно со локалните нудат две значајни предности за државата и граѓаните:
- Доколку парламентарните избори се одржат истовремено со локалните во октомври, тогаш во 2029 година за првпат ќе имаме можност на ист ден да се одржат три изборни процеси (претседателски, парламентарни и локални). Ова ќе резултира со значителни заштеди за државниот буџет и поефикасна организација на изборите.
- Четири години целосна стабилност без изборни процеси – Со одржување на изборите сега, државата ќе има целосен четиригодишен период на стабилност до 2029 година, без одвлекување на вниманието од изборни кампањи или процеси. Овој период ќе овозможи целосен фокус на економскиот развој, структурните реформи и долгорочните агенди за напредок на државата.
Прашањето останува: дали сите политички сили се подготвени како ДУИ да излезат на тест пред пред граѓаните? Народот гледа и очекува од оние кои се подготвени да излезат со целосна транспарентност.
ДУИ е подготвена. Сега е време и другите да ја покажат својата подготвеност“, стои во соопштението на ДУИ.