Формално писмо до четири клучни тела на Советот на Европа испрати пратеничката група на Европскиот фронт. Во него се бара итна експертска проценка за, како што велат, селективната правда по трагедијата во Кочани во која животот го загубија 59 лица. (инсерт од писмото) Писмото е испратено до Комесарот за човекови права, до претседателката на Венецијанската комисија, извршната секретарка на ГРЕКО и првиот човек на Парламентарното собранието на Советот на Европа. Во писмото Европскиот фронт бара од Советот на Европа
„Да испрати независна експертска мисија за проценка на независност на истрагата;
Да иницира дебата во Парламентарното Собрание на Советот на Европа;
Да побара мислење од Венецијанската комисија за влијанието врз обвинителството;
Да го ангажира ГРЕКО за истрага на политичко влијание врз обвинителските одлуки.“, велат од ДУИ.

Од СДСМ пак, побараа Владата да ги поништи тендерите за оценка на медиумите за што се планираат да се потрошат 400 илјади евра. Парите да се пренаменат за семејствата на настраданите во Кочани, наместо граѓаните да собираат донации, бараат од СДСМ.
„За поддршката на семејствата и граѓаните во Кочани се организираат донации а Владата на ДПМНЕ троши 400.000 евра за анкети и мерење на рејтингот на Мицкоски. И тоа не било доволно па гледаме објава на нов тендер за уште еден скап проект – оцена на медиумското влијание, мониторинг на медиумите. Нема пари за плати, нема за пожарникарите, за лекарите, за работниците, пари има само за папаја, манго и рејтингот на Мицкоски“, вели Кузеска.

Одговорија од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека тука нема ништо незаконско и дека не се работи за испитување на рејтингот туку за испитување на јавното мислење, колку се задоволни граѓаните од проектите.
„Би требало да ги повикаме, целиот имот на Заев во Дубаи стекнат со криминал да се поклони за донации за Кочани и целата украдена и криминално стекната хациенда на Венко Филипче сместена на Водно исто така да биде поклонета за цели за Кочани. Не се тоа анкети за мерење рејтинг туку истражување на јавното мислење за политики и проверка на проекти и реформи дали народот ги прифаќа или не“, изјави Бране Петрушевски.

Деновиве пак претседателот на СДСМ Венко Филипче најави дека ќе иницира лидерска средба на која ќе бара да се разговара за состојбите во Кочани и истрагите што се водат. За сега нема конкретен одговор од партиите дали ќе присуствуваат, а од Владата рекоа дека не добиле официјално барање за средба.
