Опозициската партија ДУИ ја обвини владејачката ВЛЕН дека ги пренасочува средствата наменети за изградба на булеварот „Хасан Приштина“, со што, според нив, е доведено во прашање целосното инфраструктурно поврзување на Скопје со автопатот Скопје-Блаце.
Од ДУИ велат дека во 2023 година Владата издвоила 8 милиони евра за изградба на булеварот кој е попознат како ‘Качанички пат’, кој ги поврзува излезот од Скопје кон Косово со обиколницата и автопатот Скопје-Блаце. Како што посочуваат, од овие пари, 2 милиони евра биле предвидени за изградба на кружен тек кај семафорите на булеварот „Словенечка“, додека дополнителни 6 милиони евра биле наменети за реализација на булеварот „Хасан Приштина“, а средствата биле префрлени на Град Скопје.
ДУИ тврди дека проектот бил дел од поширока инфраструктурна визија и дека булеварот бил неопходен за целосно функционирање на автопатот Скопје-Блаце и поврзувањето со границата кон Косово.
Реагираа од владејачката партија ВЛЕН. Оттаму велат дека ДУИ повторно се фали со својата омилена работа – дека нешто „обезбедила“, а, како што велат, лаже.
„Дваесет години на празни обезбедуваа пари, најавуваа проекти, цртаа патишта и сечеа ленти на презентации. Цел свет полн со лажни ветувања. На граѓаните им останаа ветувањата, а на партиската елита на ДУИ, привилегиите. Разликата денес е едноставна и се гледа со голо око. ВЛЕН не раскажува за проекти. Проектите се градат. Проектите се гледаат“, се вели во реакцијата на ВЛЕН.
На тврдењето на ДУИ дека тие ги обезбедиле парите, од ВЛЕН прашуваат – ако сè обезбедиле, зошто за 20 години не го изградиле и каде ги чувале тие пари. „Багерите се на терен, а ДУИ е на прес-конференција, плаче и лаже. Тоа е целата разлика“, се вели, меѓу другото, во реакцијата на ВЛЕН.
