ДУИ: ВМРО од прогонета – во прогонител – интегративците со реакција за притисок за потворно отворање на случајот „Мазут“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициската Демократска унија за интеграција реагира остро на, како што го нарекува, „скандалозниот притисок од севернокорејски тип“ од ВМРО-ДПМНЕ и Антонио Милошоски кон Обвинителството и правосудството, наведувајќи дека таквото однесување сериозно го нарушува правниот систем во земјата.

Според ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ порано се жалела на политички прогон од СДСМ и Специјалното јавно обвинителство, додека денес, според нив, се однесува на ист начин и од „прогонета“ станала „прогонител“.

„ВМРО да престане со партизацијата на Обвинителството и политичкиот прогон. Демократската унија за интеграција веќе ја информираше целата меѓународна заедница, која е скандализирана од бруталниот партиски притисок и пораките кон обвинителството. Го охрабруваме обвинителството таму каде што нема дело, нема докази и нема штета, да ги отфрли политичките кривични пријави за политички прогон и да не потклекне под владин и партиски притисок, туку да постапува согласно законот“, велат од ДУИ.

Реакцијата следи по тоа што Милошоски вчера побара од Обвинителството да ја преиспита одлуката за „Мазут“ и да донесе корекција за запирање на истрагата. Тој истакна дека жалбата на ЕСМ покажува дека обвинителката Коларевиќ постапила непрофесионално и дека истрагата за случајот „Мазут“ вреден 167 милиони евра е прекината паушално, при што, според него, се исклучени клучни докази.

„Приговорот на ЕСМ е нова околност според којашто прекинатата истрага за мазут може да продолжи, бидејќи ЕСМ е оштетено правно лице коешто ги побива изјавите на Коларевиќ и Абази како обвинителски тандем којшто им дал повластена улога и им поклонил поголема верба на исказите на Капушевски, Јахоски, Адријан Муча, Ерџан Сулкоски, а воопшто го немале ниту достапен Васко Ковачевски“, вели Милошоски.

Инаку, државната компанија EСМ поднела жалба до Вишото јавно обвинителство по одлуката на Обвинителството за организиран криминал и корупција за запирање на истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ „Неготино“, барајќи преиспитување на случајот и контрола на постапката. Според ЕСМ, изјавите дадени во текот на истрагата биле технички и не претставуваат оценка за евентуална штета, додека претходно обвинителството соопшти дека не се утврдени елементи на кривично дело во овој случај.