Дупката во ПИОМ расте – што ќе се случи со парите од вториот пензиски столб?!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека голем дел од корисниците на вториот пензиски столб ќе бидат разочарани и нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки, исплашила и разочарала многу граѓани кои реагирале до опозициската СДСМ. Лидерот на партијата, Венко Филипче прашува- што точно се крие зад изјавата на премиерот, кој кажал и дека жал му било што вториот столб воопшто бил воведен.

-Се поставува прашањето дали премиерот има намера преку државните механизми да интервенира во тој буџет во кој луѓето си уплаќаат за да имаат доволно пари за деновите, годините во пензија и на тој начин да го оштети. Значи луѓето се исплашени дали воопшто ќе ги добијат сега тие пари назад и што точно се крие зад изјавата на премиерот, вели Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Премиерот Мицкоски во поткастот „Каде се парите“ кажа дека од денешна перспектива овој столб не е сигурен дека ќе ги даде очекуваните резултати и предупреди дека голем дел од корисниците можеби нема да бидат задоволни од тоа што ќе го видат на своите сметки. Премиерот кажа и за дел од идеите што се разгледуваат за реформи на пензискиот систем. Се размислувало дали идните пензионери, прво целосно да ја искористат заштедата од вториот столб, а потоа да преминат со пензиите во ПИОМ, со што државниот фонд би добил простор за стабилизација.

Дека расте дупката во државниот пензиски систем предупредија и ревизорите во извештајот за работата за 2024 година. Тие констатираа и дека до крајот на февруари годинава ПИОМ должел и 136,4 милиони евра за здравствено осигурување на пензионерите, додека кон приватните пензиски фондови останале нераспределени придонеси од 42,2 милиони евра.

Но, од Фондот за пензиско смируваат дека нема причина за паника кај пензионерите.

-Граѓаните и пензионерите треба да бидат уверени дека финансиската стабилност на Фондот, редовната исплата на пензиите, непреченото функционирање на пензискиот систем и континуираното обезбедување на здравствените права на пензионерите не се доведени во прашање. Зголемувањето на овие обврски е директна последица на историски најголемото зголемување на пензиите во државата.Со одлуките донесени во изминатиот период, пензиите беа зголемени номинално за околу 7.000 денари месечно за сите 347.000 пензионери, велат од Фондот за ПИОМ.

Во ревизорскиот извештај, беше нагласена и зависноста на ПИОМ од буџетските трансфери. Во 2024 година тие учествувале со 36,71 отсто во вкупните приходи на Фондот и за една година се зголемиле за 4,14 насто. Ревизијата укажа и на влошениот сооднос – на еден пензионер има 1,63 осигуреници, за разлика од претходните 1 спрема 1,70.