Дурмиши: „Постојат перцепции дека цените се зголемени – цената на јајцата се зголеми поради поскапувањето на пченката и сојата“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не се очекува драстично зголемување на цените на прехранбените производи за празниците. Ова го изјави министерот за економија, Бесар Дурмиши, во емисијата Клик Плус, додавајќи дека, доколку трговците ги покачат цените пред празниците, ќе се преземат мерки.

-Што се однесува на сите прехранбени производи на годишно ниво, состојбата е стабилна. Граѓаните имаат перцепција дека цените се зголемени, но тоа не е само перцепција – ние се справуваме директно со фактите. Во основа, врз база на факти и аргументи ние делуваме. Доколку се соочиме со некоја драстична промена или зголемување на цените на прехранбените и непрехранбените производи на мало, особено за време на празниците, ќе интервенираме, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија.

Во врска со реакциите за огромното покачување на цената на јајцата, Дурмиши го образложи тоа со поскапувањето на пченката и сојата, цени кои се одредуваат на светските берзи. Тој го обвини претходниот владин состав што не презел мерки за поддршка на домашните производители.

Дурмиши: Кога станува збор за јајцата, тоа е поврзано со цената на сојата и пченката, кои се прехранбени производи на светските берзи и ние не можеме да влијаеме. Тоа се меѓународни берзи каде се одредува цената…

Новинар: Имаме многу домашни земјоделци, господине Дурмиши?

Дурмиши: Затоа реков дека се соочуваме со тие последици, а Министерството за земјоделство само што започна кампања.

Во законот за финансиска поддршка на инвеститорите, кој ќе се имплементира од Министерството за економија и труд од 1 јануари е предвидена финансиска поддршка за домашните производители кои сакаат да го зголемат производствениот капацитет и за производителите кои ќе инвестираат во технологија. Според Дурмиши, ова ќе влијае на зголемување на бројот на вработувања и на количината на домашно производство. Во меѓувреме, за вработувањата, Дурмиши рече дека се направени над 2.500 вработувања во државните институции и над 800 напредувања.