Дурмиши: Цените се стабилни, ако кризата продолжи и има огромен раст, ќе преземеме мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вели дека цените на основните прехранбени производи се стабилни и дека во моментов нема потреба од дополнителни мерки. Сепак, доколку кризата продолжи и се регистрира значително зголемување на цените, ќе бидат преземени мерки за заштита на граѓаните.

„Од 55-те најпродавани производи, зголемувањето на цените е минимално и изнесува само 0,43 проценти, што значи дека цените се стабилни. Ако забележиме отстапувања на пазарот, ќе постапиме исто како и досега. Растот од 0,43 проценти покажува дека имаме ценовна стабилност“, изјави Дурмиши, одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на Оперативниот план за вработување за 2026 година.

Тој додаде дека, доколку кризата продолжи и цените значително пораснат, ќе бидат воведени нови мерки, а една од опциите што се разгледуваат е намалување на ДДВ.

Во однос на инфлацијата, Дурмиши истакна дека земјата има пониска инфлација во споредба со некои други држави и дека досега преземените мерки даваат резултати. Тој очекува до крајот на неделата Државниот завод за статистика да ги објави најновите податоци за инфлацијата.