Уште два нови случаи на коронавирус во Македонија, со што бројот на заразени достигна 9. Двете новоинфицирани лица се од Дебар, соседи на лицата кои беа претходно заразени кои се во карантин. Со нив тие имале чести контакти, а нивните роднини се на домашно лекување.
Коронавирусот од денеска ги затвори образовните институции, училиштата, градинките, универзитетите, библиотеките, студентските домови и дневните центри за децата со посебни потреби, а поради тоа ослободени се од работа и вработените во овие институции следните две недели.
Од МЗ информираат дека оваа мерка не важи за МВР, здравството, одбрана, пожарникарите, Царината, домовите за стари лица, групните домови. Тие само ќе се придржуваат до мерките и препораките од Владата.
Министерот Филипче рече дека лицата кои ќе шират дезинформации и медиумите кои ќе објавуваат лажни вести и ќе шират паника за коронавирусот ќе одговараат пред МВР.
Инаку, претходните лица кои беа позитивни на тестирањето на коронавирус се хоспитализирани на Инфективната клиника, но нивната здравствена состојба е стабилна. Првата пациентка кај која беше дијагностициран Ковид 19 е излекувана и се очекува овие денови да биде пуштена на домашно лекување. Глобалното проширување на коронавирусот сега го достигна нивото на глобална пандемија, изјави шефот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Габриесус. До минатата недела СЗО тврдеше дека се уште не станува збор за пандемија, но по проширувањето на сите континенти, сега веќе станува збор за пандемија.
