Двајца стружани и фирма пријавени за нелегален ископ и загадување на водата за пиење во Струга

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нелегалниот ископ на минерални суровини во близина на изворите за вода во струшкото село Шум довел до сериозен проблем со водоснабдувањето во Струга, поради што против две лица и едно правно лице е поднесена кривична пријава.

ОВР Струга поднесе пријава против Х.М.(50) и Н.К.(54), двајцата од село Велешта, како и против правен субјект од истото село, поради сомнение за повеќе кривични дела – „узурпација на недвижности“, „незаконита експлоатација на минерални суровини“, „предизвикување опасност при градежни работи“ и „загадување вода за пиење“.

Според пријавата, осомничените на повеќе катастарски парцели, дел во нивна или сопственост на други лица, а дел и во државна сопственост, вршеле ископ и експлоатација на минерални суровини без да поседуваат важечки договор за концесија.

Проблемот станал особено сериозен бидејќи ископите се изведувале во непосредна близина на изворите во селото Шум, од каде што Струга се снабдува со вода за пиење.

Со ваквите активности, според полицијата, дошло до директно загадување и заматување на водата, при што измерените вредности биле повеќе од 30 пати над дозволеното ниво.

Како последица, бил предизвикан долготраен прекин во водоснабдувањето, а на граѓаните им било забрането користење на водата за пиење, како и за одржување лична хигиена и хигиена на рацете.

Случајот дополнително го отвора прашањето за контролата на ископите и заштитата на изворите од кои се снабдува населението со вода за пиење.