ДЗР алармира: Сериозни пропусти во издавањето дозволи за фотоволтаични централи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Системот за одобрување и изградба на фотоволтаични електроцентрали во земјава во изминатите години се соочувал со низа пропусти, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија. Констатирани се проблеми со законската усогласеност, координацијата меѓу институциите, почитувањето на роковите, но и со контролата врз изградбата и работењето на овие енергетски објекти.

Во периодот од 2022 до 2025 година биле забележани сериозни слабости во постапките за издавање дозволи. До мај 2025 година, според ревизорите, новите фотоволтаични централи се граделе без Индикативен план за изградба на капацитети од обновливи извори, документ кој требало да претставува основа за планирање на новите производни капацитети и нивното приклучување во електроенергетскиот систем.

Дополнителен проблем претставувале недоволната координација и размената на податоци меѓу надлежните институции, што придонесувало за забавување на постапките. Како особено сложени се издвоени случаите поврзани со поголемите фотоволтаични централи со инсталирана моќност над 10 мегавати.

Одобренија за ФЕЦ од 19, 174 и 337 мегавати

Меѓу позначајните наоди на ревизијата се и три случаи во кои биле издадени одобренија за изградба на фотоволтаични електроцентрали со моќност од 19, 174 и 337 мегавати, и тоа спротивно на законските прописи.

Станувало збор за објекти од државно значење за кои одобренијата ги издала општината, иако постапката требало да ја спроведе надлежното министерство, додека Владата требало да донесе одлука за овластување за изградба.

Ревизорите констатирале и несогласувања во податоците за инсталираната моќност на фотоволтаичните централи што се појавувале во документите на различни институции. Утврдени биле и случаи во кои биле издадени две одобренија врз основа на еден урбанистички извод.

Дополнително, инвеститорите не биле третирани на ист начин при плаќањето на надоместоците и при дополнувањето на потребната документација.

Нов закон, но недостигаат дел од правилата

Со донесувањето на новиот Закон за енергетика во мај 2025 година бил направен чекор напред во делот на планирањето. Годишниот план за изградба на енергетски објекти за 2026 година бил донесен навреме.

Сепак, според ДЗР, системот и понатаму не е целосно уреден бидејќи не се донесени сите потребни подзаконски акти.

Меѓу другото, сè уште недостигаат правила за општинските енергетски планови, како и критериуми за добивање овластување за изградба на енергетски објекти. Не била формирана ниту комисијата задолжена за доделување на овластувањата.

Поради тоа, според ревизорите, постои застој во постапките за издавање дозволи за енергетски објекти со моќност од еден мегават и повеќе.

Недоволен надзор и проблеми со регистарот

Ревизијата укажува и на сериозни недостатоци во контролата над фотоволтаичните централи. Констатирано е дека во одредени сегменти целосно изостанувал надзорот над спроведувањето на обврските од Законот за енергетика, додека бројот на извршени инспекциски контроли бил мал.

Дополнително, надзорот врз обврските на инвеститорите бил оценет како недоволен.

Ефикасното следење на работењето на ФЕЦ е отежнато и поради нецелосниот и неусогласен Регистар на електроцентрали. Ревизорите посочуваат и на нерегулираното управување со отпадот што произлегува од опремата на фотоволтаичните централи и од системите за складирање енергија.

Државниот завод за ревизија упатил препораки до надлежните институции за отстранување на утврдените слабости и воспоставување поефикасен, координиран и законски усогласен систем за развој на обновливите извори на енергија.