ЕБОР повика да се преиспита финансирањето на гасоводот Грција-Македонија

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Организациите за заштита на животната средина бараат од Европската банка за обнова и развој, ЕБОР, да го преиспита својот планиран заем за гасовод Грција-Северна Македонија, инсистирајќи дека тоа само ќе создаде поголемо загадување, пишува Balkan Insight.

Во формална жалба до ЕБОР, мрежата CEE Bankwatch со седиште во Прага и Еко-свест со седиште во Скопје, обете чувари на животната средина, ја повикуваат ЕБОР да го откаже финансирањето на проектот, што според нив е контрадикторно со националното и правото на ЕУ, како и на сопствената еколошка и социјална политика на ЕБОР.

Доколку се изгради, гасоводот ќе носи дополнителни 1,5 милијарди кубни метри гас годишно во Македонија – три пати повеќе од потрошувачката на земјата во 2021 година – „масовно зголемувајќи ја нејзината зависност од увоз на фосилни горива“, соопштија во понеделникот.

Повеќето луѓе во Македонија имаат малку знаење за проектот, бидејќи немаше јавна дебата. „Но, наместо да инсистира на значајна јавна консултација, ЕБОР ги затвори очите. Една европска банка мора да инсистира на стандардите на ЕУ – кои и онака се задолжителни за земја кандидат како нашата“, рече Ана Чоловиќ Лешоска, раководител на Еко-свест.

Грчкиот оператор за гасна мрежа ДЕСФА и неговиот партнер од Северна Македонија, НОМАГАС, потпишаа договор за проектот во септември 2023 година, откако двете влади претходно постигнаа билатерален договор за негова изградба.

Заемот за проектот е веќе одобрен од Европската инвестициска банка, како и грант од Инвестициската рамка на ЕУ за Западен Балкан.

Заемот предвиден од ЕБОР до 98,6 милиони евра ќе биде искористен за изградба на гасоводот долг 66 километри од Грција до Северна Македонија, плус две линии за пренос на гас во Северна Македонија кои дополнително ќе го дистрибуираат гасот.

Во својот елаборат, ЕБОР рече дека ова ќе и помогне на „забрзаната транзиција на Северна Македонија од јаглен и кон обновлива енергија со деактивирање на постоечките термоелектрани на јаглен (ТЕ) до 2030 година“.

Владата на Северна Македонија гледа на изградбата на гасоводот како начин за намалување на нејзината зависност од рускиот гас.