Еден ден во бачило на Шара, стадата останаа без овчари

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Ова е патот кој води до еден дел од Шар планина. Како што се гледа, многу е оштетен, а на некои места едвај се поминува. Во ваква состојба се повеќе од 30 км. Да стигнеме до бачилата, ни помогна овчарот Газменд Сејдиу со неговиот автомобил. Тој ни кажа дека неколку пати барале патот да се направи, но дека ништо не е преземено.

Имам 400 глави стока. Нема луѓе да ги гледаат. Останав сам со синот. Имам и 50 крави дома и се трудиме и за нив да направиме се што треба, вели Газменд Сејдиу, овчар.

По три часа и 44 минути патување, со сите попатни паузи, стигнавме кај бачилата. Тука се наоѓа тромеѓето меѓу Македонија, Албанија и Косово.

Го сретнавме синот на Газменд, Хајрула, кој беше на пасење со стоката. Она што ни падна во очи се 14-те кучиња од турската раса Кангал, познати по својата агресивност кон дивите животни. Кангалите овде не се ретки, особено откако планината Шара беше прогласена за Национален парк.

Кога отидовме кај бачилото, ручекот беше подготвен. Месо, со овчо сирење и зеленчук одгледуван од сопствениците на фармата.

Уживајќи во ручекот и разговорот, сточарот ни зборуваше за предизвиците со кои се соочува.

Се жали дека се принудени евтино да им го продаваат сирењето на трговците кои доаѓаат да го купат, бидејќи и тие самите имаат цел да остварат профит кога го продаваат во градот.

Работата не е подобра ниту со цената на јагнињата, признава тој, кажувајќи дека се принудени евтино да ги продаваат во кланиците. Тие пак поставуваат ниска цена, или во спротивно одгледувачите ќе останат без субвенции. Најлошото од сето ова, како што истакнува, е што стадата остануваат без сточари.

-Јас и брат ми, само јас и брат ми… Овие планини во Косово и Албанија се целосно пусти, може да има… еден има двеста-триста овци, друг има 150 или 160 и сите планини се пусти во овој дел, повеќето избегале, нема овчари, нема работа, не можат да се снајдат, тоа е, вели Газменд.

Се вративме со Газменд, но тој повторно се искачи на височините на Шара, бидејќи времето истекува, а ќе му требаат цели два дена да го спушти добитокот во врапчишкото село Неготино, каде ќе презимат.