Една деценија чекање за концертна сала – ново ветување за Универзална: 2026 година!

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Поминаа речиси 10 години, а реновирањето на Универзалната сала во Скопје сѐ уште е тема на дебата.

Последен пат беше користена кога Зоран Заев ги објави познатите „бомби“. Тогаш падна дел од таванот, поради што салата беше ставена вон функција. Заев стана премиер, замина, се сменија тројца премиери, а Универзална сала сѐ уште не е завршена.

Се менуваа и градоначалниците на Град Скопје, но никој не го доврши овој проект. На почетокот, екс-градоначалникот, Коце Трајановски имаше проект за нова сала од темел, но тоа не го направи. Откако Петре Шилегов дојде на власт, побара да се зачува автентичноста и само да се реконструира салата, но и од тоа ништо. По него дојде Данела Арсовска, кога Градот беше во уште потешка финансиска состојба, по што надлежностите за реконструкција му беа префрлени на Министерството за култура.

Сега има ново ветување! Работните активности за реконструкција на Универзална веќе стартуваа, а министерката за култура, Бисера Костадинова ветува дека сѐ ќе биде готово во 2026 година.

Проектантот Бујар Муча изјави дека салата ќе се модернизира, но ќе брои 300 седишта помалку, со цел новите да бидат поудобни.

Управителка на фирмата изведувач „Универзал-Балкан“, Билјана Блажевска рече дека реконструкција и адаптација на Универзалната сала ќе биде направена за 90 дена од денот на доставен налог за изведување на работите.

Љубин Макровски надзорен инженер, вели дека во тек на градба настанале одредени проблеми, вообичаени, што се јавуваат во сите градилишта, каде има и технички, и процедурални и бирократски недоразбирања.

Поранешниот премиер, Димитар Ковачевски, кој денеска ја посети Универзална како претседател на СДСМ, порача дека по реконструкцијата на салата, културниот објект повторно ќе му биде вратен на Град Скопје.