Една година чекање за „Диво Насеље“, Кривичен и Апелација одолговлекуваат, доцни предметот за Врховен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Една година обвинетите во случајот „Диво Насеље“ чекаат од Врховниот суд да ја разгледа пресудата на Кривичен, која ја потврди и Апелациониот суд, но случајот сè уште не е стигнат до Врховен. Адвокатот на дел од обвинетите, Насер Рауфи, уверува дека тој и повеќето негови колеги жалбите и барањата за разгледување ги поднеле на крајот на 2019 година, но како што вели, сè уште чекаат.

-Мислам дека се работи за долг временски период и слободно можам да кажам дека станува збор за неефикасност на судот, која ние како одбрана мислам дека ќе ја искористиме и пред Судот во Стразбур-вели адвокатот Насер Рауфи.

Од Кривичен велат дека „веднаш по добивање на предметот и неговото целосно комплетирање, на 29.12.2020 година е пратен преку Апелациониот суд-Скопје на надлежно постапување во Врховниот суд на РСМ“.

Од Врховен пак за ТВ21 потврдуваат дека досега „не е заведен предмет по поднесен правен лек од адвокатите на обвинетите за предметот таканаречен „Диво Насеље“.

Ова значи дека во моментов предметот е во Апелациониот суд, од каде пак велат дека сѐ уште работат на неговото комплетирање.

-Предметот е доставен во Апелациониот суд Скопје на 29.12.2020 година, од причина што во овој случај се работи за спојување на две досиеја КОКЖ-22/18 и КОКЖ-31/18 постапката е во фаза на комплетирање на списите по истите. По комплетирањето предметот ќе биде доставен до Врховниот суд на РСМ во најкус можен рок-велат од Апелација.

И додека Апелација не дава точен рок кога предметот ќе биде доставен, Врховен има три опции за да донесе одлука. Може да ја потврди пресудата, да ги намали казните или да одлучи случајот да оди на повторно судење. Адвокатите и обвинетите се надеваат на враќање од почеток на целиот процес.

„Да се надеваме. Јас мислам дека Врховниот суд е пообјективен во ова, тоа го докажа праксата и од другите случаи кои се сложени и чувствителни, и мислам дека се работи за суд кој се состои од професионалци, 5 судии кои според искуството досега, можам да кажам дека дефинитивно ќе има исправка во делот дека овој предмет мора да се врати и мора да има објективно и поправично судење, каде доказите на одбраната ќе можат да се реализираат и да се прифатат, за да можат да се бранат.“, вели Рауфи.

И адвокатот Ибраим Бајрами, очекува Врховен да одлучи за повторно судење на случајот „Диво Насеље“, за обвинетите да можат да се бранат од слобода.

-Убеден сум дека кога би се бранеле од слобода, тие би биле многу посигурни во изнесувањето на вистината пред Суд како што се случи, без да се прејудицира таа вистина-изјави Бајрами.

Бајрами се надева дека во ваков случај, и изјавите на обвинетите ќе бидат послободни, бидејќи тој како бранител се сомнева оти обвинетите во притвор се соочиле со притисок дека нивната одбрана ќе биде селективна, па поради тоа не ги изнеле сите факти кои ги знаат. Тој додава дека обвинетите знаат многу повеќе од она што го рекле на суд.