Целосно ископана! Во прав и со дупки! Ваква е сликата на улицата „Борис Кидрич“ во Кичево веќе една година.
Оваа улица е доста фреквентна, а тука е сместена и општинската зграда.
Градежните активности на оваа улица почнаа пред повеќе од една година. Беше раскопана, беа отворени канали, но остана таква. Од тогаш не е допрено ништо. Градоначалникот вети дека ќе биде изградена на почетокот на 2022, но како што може да се види, улицата и понатаму е во истата состојба.
Најзасегнати од ова се малите бизниси покрај улицата. Трговците се револтирани, но не сакаа да говорат пред камера, од страв инспекторите да не им тропнат на вратата на дуќаните.
Еден сопственик вели дека бил принуден да го затвори дуќан, бидејќи правот што се крева му ги оштетува овошјето и зеленчукот.
На 27 јуни минатата година, градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, на неговиот Фејсбук профил го најави стартот на градежните активности, истакнувајќи дека станува збор за крупен проект, во чии рамки ќе биде изградена канализациона мрежа, велосипедска патека и кружен тек.
Во ноември, пак, при добивањето на мандатот, повторно вети дека работата ќе продолжи, но иако помина една година, оваа улица и понатаму е раскопана и уништена. Во однос на причините – зошто доцни реконструкцијата на улицата, став побаравме и од Дехари, но тој немаше конкретен став по ова прашање.
