Една година од грозоморните убиства на Вања и Панче, „Десна“ го промени седиштето на партијата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

„Вакво криминално гнезно какво што е направено мора да се разбие до крај и такви политички партии кои што со не знам какви провиненции ова го прават, како што е таа која е формирана, таа мора да биде дерегистрирана“, изјави поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски лани.

„Десна“ не само што не е дерегистрирана, туку се користи и за објавување на писма кои наводно од затвор ги пишува првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Преку нив Љупчо Палевски сака да докаже дека тој не е убиец. Таков обид имаше и деновиве кога на обвинетиот Влатко Кешишов му дал писмо на кое пишуваше дека убиец е Велибор Манев.

„Дека станува збор за малоумни за монструми за луѓе кои не може да се наречат луѓе, тоа е факт“, рече Спасовски.

Партијата според информации на ТВ21 пред еден месец извршила промени во статутот, финансиското работење и седиштето. Па така наместо во Скопје, сега седиштето е во Куманово.

Обвинителството сметка дека нема проблем да го докаже обвинението.

„Основното јавно обвинителство Скопје има доволно цврсти докази со кои ќе докаже товарот им се става на обвинетите на терет дека го сториле во критичните моменти. Во досегашниот тек на постапката испитани се голем број сведоци. Динамиката е добра, нема одолговлекувања, нема непотреби одлагања сите сведоци обвинителството ги обезбедува и постапката има добар тек“.

Од досегашните судски рочишта не е јасно дали до крајот ќе се добие одговор на прашањето: Зошто 14 годишното девојче е убиено веднаш по грабнувањето, ако целта била да се бара откуп од семејството.

„Значи Вања е таргетирана жртва“, изјави Светлана Николоска, профероска од Факултетот за безбедност.

Според обвинителството во грабнувањето помагал и нејзиниот татко Александар Ѓорчевски.

„Александар е жртва, тој е оштетен во оваа постапка. Тврдам дека секој родител кој би му се случила ваква работа би го преземал апсолутно истото што го преземал и тој односно би одел во насока да води и своја самостојна истрага“, изјави адвокатот Владимир Туфегџиќ.

На следните рочишта треба да сведочи и клучниот сведок Гоце Трајковски. Тој не се појави на закажаното рочиште, а неговата мајка која исто така е сведок рече дека доживеал паничен напад.