Поминаа една недела од смртта на шест годишната Јана. Нејзините родители со насолзени очи во интервју за Сител раскажуваат како ја примиле горчливата вест.
И покрај тоа што решиле да направат обдукција, родителите на Јана велат дека не им веруваат на резултатите ниту на здравствениот систем. Со оглед на тоа нивната ќерка не боледувала од друга болест и според матичниот лекар таа била здрава, родителите на 6-годишното девојче се сомневаат дека имало пропусти во текот на лекувањето.
Санитарниот и здравствен инспекторат изврши вонредна контрола во битолската болница каде починала Јана Христовска, но не е констатирана лекарска грешка. Пред неколку дена Министерството за здравство формираше независна експертска комисија, но вештачењето се уште не е завршено и не се знае кога ќе се објават резултатите.
„Комисијата за стручен надзор формирана од министерот за здравство за овој случај е веќе на терен и по завршување на стручниот надзор, ќе биде изготвен извештај од стручните лица за текот на лекувањето. Комисијата ја сочинуваат специјалисти од следните области: детски ендокринолог, пулмолог, кардиолог, хематоонколог и анестезиолог“, велат од МЗ.
Инаку, шестгодишната Јана почина на 22 март откако примила инфузија во Клиничката болница во Битола. Според изјавите на родителите, шеќерот и се зголемил од 9 на 19 единици и таму ситуацијата се комплицирала, што довело до смрт на девојчето.
