Пратениците на Европскиот фронт ја започнаа постапката за обезбедување на потребните парламентарни потписи за иницирање на уставни измени, со цел, како што велат, унапредување на процесот на европска интеграција на Македонија.
Пратеникот Блерим Беџети рече дека иницијативата се темели на член 130 од Уставот и предвидува собирање на најмалку 30 потписи од пратениците на Собранието, додека ги повика сите пратенички групи, вклучувајќи ја опозицијата и независните пратеници, да го поддржат процесот.
„Ова е прашање што ги надминува партиските интереси, ова е прашање што ги надминува коалициските пресметки, ова е суштинско прашање на стратешката ориентација на државата. Северна Македонија изгуби две години во целосна блокада на процесот на европска интеграција, две години не е направен ниту еден чекор напред. Затоа, денес е моментот за клучниот чекор што ќе го деблокира процесот и ќе овозможи вистинско продолжување на преговорите со Европската Унија. Не можеме да се криеме зад квази-изговори дека во Бугарија се очекува формирање стабилна влада. Бугарија веќе има парламентарно мнозинство и стабилна идна влада“, изјави Беџети.
Од Коалицијата ВЛЕН сметаат дека оваа иницијатива на Европскиот фронт, односно на ДУИ, за „сатирична пародија“.
„ВЛЕН ја смета денешната иницијатива на ДУИ за лекомислена и самосаботирачка, што е повеќе како сатирична пародија отколку нешто што вреди да се сфати сериозно. ДУИ сериозно ги навредува ЕУ и Албанците кога Блерим Беџети зборува за европски вредности. ВЛЕН нема намера да стане дел од оваа пародија. Европската интеграција бара сериозен и искрен пристап. Владата е фокусирана на Агендата за реформи, која се спроведува со голем успех“, велат од ВЛЕН.
