Египет гради вештачка река долга 170 километри: Пустината ќе ја претвори во обработливо земјиште

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси во неделата свечено го отвори земјоделскиот проект во пустината наречен „Нова Делта“, чија цел е одгледување пченица на мелиорирано земјиште и отворање повеќе од два милиони работни места. Настанот го одбележа и почетокот на овогодишната жетва на пченица на новите парцели западно од делтата на Нил. Владата го претставува проектот како најголем потфат за мелиорација на земјиште во историјата на Египет.

Планирано е проектот на крајот да опфати околу 9.000 квадратни километри (2,2 милиони федани), со што обработливите површини во Египет би се зголемиле за околу 15 проценти. Фокусот е на одгледување пченица, пченка, зеленчук, како и извозни култури како маслинки и смокви, со цел да се намалат огромните трошоци за увоз на храна и притисокот врз девизните резерви.

Ел Сиси изјави дека вкупните вложувања во проектот досега изнесуваат околу 800 милијарди египетски фунти (приближно 15,1 милијарда долари). Средствата биле наменети за подготовка на земјиштето, изградба на силоси, индустриски зони и нови патишта што ја поврзуваат пустинската област со долината на Нил и пристаништата.

Централниот дел од планот е водниот систем за наводнување на пустинското земјиште кое се наоѓа на висорамнини над делтата. Министерот за водни ресурси Хани Свејлем објасни дека земјоделската дренажна вода од западната Делта се собира и се насочува кон постројката за прочистување Ел Хамам на брегот на Средоземното Море.

Таму дневно се прочистуваат до 7,5 милиони кубни метри вода, која потоа се пумпа низ канал долг 170 километри кон запад, преку 13 пумпни станици до областа Дабаа. Дополнителен крак од системот треба да обезбеди вода за наводнување на целата планирана површина од 2,2 милиони федани.

Станува збор за енергетски многу интензивен систем, бидејќи водата се пренесува од ниско поставени дренажни канали кон повисоки пустински висорамнини. Ел Сиси нагласи дека јавноста треба да биде запознаена со трошоците за да ја разбере големината на проектот.

Владата го претставува проектот „Нова Делта“ како стратешки одговор на ризиците за прехранбената безбедност, кои станаа очигледни за време на војната во Украина и пандемијата на ковид, но и како решение за долгорочниот демографски притисок.

Според властите, големите механизирани фарми можат да ги зголемат приносите и извозот, а истовремено да создадат нови работни места во земјоделството, логистиката и прехранбената индустрија.

Проектот го надгледува државното тело „Иднината на Египет“, предводено од воени офицери. Во претседателските соопштенија како главни изведувачи се наведуваат Инженерската управа на вооружените сили и Организацијата за национални проекти на вооружените сили, кои ги реализираат постројките за прочистување, енергетските капацитети и патната инфраструктура.

И покрај пофалбите од државата, организации за човекови права изразија загриженост поради концентрацијата на економската моќ во рацете на војската, недоволната транспарентност при распределбата на земјиштето и пренасочувањето на јавни средства во период на мерки за штедење поддржани од ММФ.

Експертите за животна средина, пак, предупредуваат дека долгорочната одржливост на системот е неизвесна, бидејќи се потпира на енергетски скапо пумпање и прочистена дренажна вода во земја која веќе се соочува со недостиг на вода. Тие укажуваат на ризик од исцрпување на подземните води и високи оперативни трошоци.

И покрај критиките, Ел Сиси останува на ставот дека „Нова Делта“ ќе му овозможи на Египет постепено да премине од зависност од увоз на основни прехранбени производи кон извоз на земјоделски култури со повисока вредност, при што земјоделскиот извоз и агроиндустријата ги гледа како клучни двигатели на економскиот раст и приливот на девизи.