Кредибилност, предвидливост, динамика и посилно политичко управување, ова се четирите принципи на кои се базира новата методологија што ја претстави еврокомесарот Оливер Вархеи.
Поделени во тематски групи или таканаречени кластери опфатени се поглавја за правда, надворешни работи, безбедност и слобода, реформа на јавната администрација, слобода на медиуми и стабилна економија. Но клучен дел ќе биде владеењето на правото со кое се предвидува да започнат и да завршат преговорите за членство.
Вархеи истакна дека сепак методологијата предвидува и принцип на реверзибилност, односно доколку нема напредок или се назадува да има суспендирање или враќање на преговорите на почеток, а сето тоа да го следат експерти. Сепак тој изрази надеж дека Северна Македонија и Албанија може да ги почнат преговорите и пред загребскиот самит во мај.
„Не го кријам фактот дека едно од потешките прашања кога го составувавме пакетот беше дека е кристално јасно кај јавното мислење и кај земјите членки има цврсто јадро кое бара да бидеме во можност исто така да ги вратиме преговорите кога нема напредок, или кога има уназадување. Јасно е дека треба да употребиме слични мерки што значи дека мораме да им ставиме до знаење дека можеме да одиме и назад исто така. Отвораме со поглавјето за владеењето на правото и исто така преговорите ги затвораме со поглавјето за владеење на правото. Ова ќе го осигура дека ова прашање континуирано ќе го следиме во текот на целиот процес.“, истакна Оливер Вархеи.
Новата методологија е еден од најпозитивните моменти за земјава по октомвриското разочарување, рече вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Според него тоа ќе го динамизира процесот на преговарање но поставува и јасни принципи за двете страни во делот на отчетноста. Рече дека оваа методологија ќе го забрза и отворањето на поглавјата бидејќи во истовреме ќе се отвораат по неколку. За Османи реверзибилноста не ја смета како негативност.
„Со оваа методологија се овозможува прекинување на преговорите во одредени поглавја доколку има застој во реформите или враќање назад или комплетно суспендирање на преговорите. И третата мерка можност за намалување на фондовите. Изјавата на комесарот беше јасна дека било која мерка ќе биде пропорционална на степенот на застој односно на враќање назад“, додаде Бујар Османи.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров оцени дека новата методологија придонесува за зајакната политичка димензија, но исто така и за повеќе динамика, предвидливост и кредибилитет во процесот.
„Веруваме дека овој обновен пристап ќе резултира со двојна победа во наредните недели – отворање на преговорите заедно во усовршен процес. Земјите во регионот нема потреба да се плашат од воведувањето на реверзибилноста. Најпосле пристапниот процес постои да ги трансформира реалностите на теренот кон подобро“, порача Никола Димитров.
По претставувањето на новата методологија се очекува да има вонреден извештај на Европската комисија за напредокот на земјава а на Советот во март на кој ќе се разгледуваат и методологијата и вонредниот извештај.
Според оптимистичките најави откако ќе има позитивни оценки, можно е земјава да ги почне преговорите со Европската унија.
