ЕК: Турција се повеќе се оддалечува од ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со ослабување на економијата, поткопување на демократијата и укинување на независното судство, Турција во моментов е подалеку од Европската унија отколку порано, се вели во извештајот на Европската комисија, кој беше претставен денес во Брисел.

Обвинувајќи ја прекумерната централизација на моќта на претседателот за сè позагрозената слобода на говорот, како и за намалената независност во работата на централната банка, Европската комисија посочува дека ова води кон брза промена во однесувањето и размислувањето на големите инвеститори, пренесува Ројтерс.

„Турција не реагираше на вистински начин на сериозната загриженост на Европската унија за негативните случувања, кога станува збор за владеењето на правото и независноста на судството“, се вели во годишниот извештај на ЕК.

Турција ги започна преговорите за пристапување во ЕУ уште во 2005 година и тие никогаш не беа лесни поради вмешаноста на Анкара во настаните во Кипар, а дополнително се влошија по неуспешниот пуч во Турција во 2016 година, по што претседателот Реџеп Таип Ердоган се однесуваше остро со политичките противници.

Турција го отфрли извештајот, велејќи дека тој е „пристрасен и далеку од конструктивен“, како и сите критики кон економијата, демократијата и судството, и му соопшти на Брисел дека останува посветен на процесот за влез во Европската унија.

Во соопштението на Министерството за надворешни работи се посочува дека делот од извештајот што се однесува на тензиите во Медитеранот ја доведува во прашање објективноста на Европската комисија и се посочува дека Анкара сторила сè во согласност со демократските норми и меѓународното право.

„Нашата искрена желба е Европската унија да не гледа на Турција во согласност со тесните и себични интереси на некои кругови, туку во согласност со заедничкиот интерес на нашиот континент и заедничката визија“, се вели во соопштението.