Астронаутите од мисијата Артемис II успешно го завршија патувањето околу Месечината, поставувајќи нов историски рекорд за најголема оддалеченост од Земјата постигната од човек.
Како што пренесуваат светските медиуми, меѓу кои и CBS News, членовите на екипажот достигнале максимална оддалеченост од 252.756 милји од Земјата, надминувајќи го досегашниот рекорд на мисијата Apollo 13 од 1970 година за повеќе од 4.000 милји.
За време на обиколката околу Месечината, астронаутите накратко изгубиле комуникација со Земјата во период од околу 40 минути, додека се движеле околу нејзината далечна страна. Подоцна, тие имале можност да набљудуваат и затемнување на Сонцето, кое астронаутот Victor Glover го опишал како „едноставно нереално“.
Од NASA соопштија дека екипажот забележал најмалку четири ударни блесоци на површината на Месечината, предизвикани од удари на метеори, токму за време на затемнувањето.
Во меѓувреме, претседателот на САД, Доналд Трамп, остварил видео-разговор со екипажот на вселенското летало Орион, при што им честитал и ги нарекол „модерни пионери“ кои го инспирирале целиот свет.
По завршувањето на прелетот покрај Месечината, мисијата започнала со враќање кон Земјата, а слетувањето се очекува во близина на брегот на Калифорнија, кај Сан Диего, во петок во вечерните часови.
Дополнително, астронаутите забележале и невообичаени бои на површината на Месечината. Според информациите што ги пренесува Fox News, поголемиот дел од површината изгледал со кафеави нијанси, додека на одредени места биле воочени изразени зелени тонови.
Канадскиот астронаут Џереми Хансен забележал зеленикави нијанси во близина на висорамнината Аристарх, релативно млад и голем кратер. Според екипажот, ваквата обоеност е уникатна и не е забележана на други делови од таа страна на Месечината.
Со ова патување, астронаутите од мисијата Артемис II не само што поставија нов рекорд, туку станаа и првите луѓе кои со голо око виделе делови од далечната страна на Месечината, како и затемнување на Сонцето од таа перспектива.
