Корупцијата и неспроведувањето на структурните реформи од сите политички гарнитури на власт се главните кочничари што македонската економија стои во место изминатите 30 години. Ова во емисијата „Бизнис 21“ го истакнаа Трајан Ангеловски, претседател на Сојузот на стопански комори и универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
„Да бидеме искрени, да немаме двојни аршини, тоа е онаа стопанска комора од чии редови, еден вицепремиер е на црната листа американска, баш за оваа тема која вие ја спомнавте нели. Доаѓањето на политичка позиција му овозможува на тие луѓе кои што доаѓаат во одреден ограничен временски период да го покажат најдоброто од себе и да створат позитивна клима како за себе така и за сите останати. За жал често се толкува тоа прво за себе, а за останативе можда и никогаш“, вели Трајан Ангеловски.
„Политичарите живеат, кога ќе станат функција или воопшто кога ќе фатат да работат политика, они живеат меѓу мандати. Нив животот им е сведен на мандати, до избори наредни. А ние граѓаните не живееме у мандати, ние живееме од почеток до крај, колку што имаме живот и потоа продилжува животот со наследниците. И тука имаме непоклопување. Но на политичарите не им е битно ние што правиме, нив им е битен мандатот. Еве оваа влада лани дојде на власт, нејзе и е хоризонтот до овогодинешните локални избори“, вели Ванчо Узунов.
Според Ангеловски една од реформите која мора итно да се спроведе е намалување на јавната администрација.
„Сметате дека е можна реформа на јавната администрација бидејќи секогаш е едно од ветувањата?Мора,мора. Погледнете ја Словенија земја со наша величина колкава јавна администрација има. Се поставува едно елементарно прашање. Толку сме ние богати да имаме далеку поголема јавна администрација од една Словенија“, вели Трајан Ангеловски.
Узунов со предлог сите избори да се спроведуваат на 4 години и за реформите да има консензус од сите.
„Јас се осеќам некогаш како тениско топче кога две страни цело време ме туркаат само наваму-натаму. Ајде малце да речеме политичари без консензус не сакаме да видиме ни едни ни други ни трети ни четврти“, вели Ванчо Узунов.
Анализата на Бизнис 21 покажа дека за триесет години, македонската економија расте со просек од само 2,2 проценти. Земјите од регионот кои беа зад нас, не претркаа и одат напред. Животниот стандард на граѓаните со години стои во место – можат да си дозволат само 40 проценти од она што можат европските граѓани.
