Екс амбасадорот во Бугарија, контра властите – „Нереално е да се очекува договор со Софија во декември“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Поранешниот амбасадор во Бугарија Марјан Ѓорчев вели дека се нереални очекувањата да се постигне договор со новата политичка влада на нашиот источен сосед дури и ако таа биде составена во наредниве денови. Надеж дека би можело да се стигне 14 декември деновиве посочи министерот за надворешни работи Бујар Османи, но според Ѓорчев тоа не би можело да се очекува ниту во првите месеци од идната година.

„Цел јануари можеби и првата половина од годината ќе биде би рекол испитувачка во однос на новите ставови на бугарската нова политичка влада. Принципите на рамноправност, реципрочност и взаемно почитување и доверба се принципи кои што се непорекливи во меѓународното право и ако на тоа се потпираме до договор тешко ќе се дојде затоа што едната страна во договорот се поставува патерналистички односно на некој начин условува со прифаќање на одредени барања“, вели Марјан Ѓорчев.

Доколку се сака да се постигне одредено решение според Ѓорчев, треба да се излезе надвор од ќор-сокакот што се навлезе со историската комисија а која, според вчерашната изјава на копретседателот од бугарска страна Ангел Димитров и натаму се држи тврдата позиција на негирање на постоењето на македонскиот народ. Македонија полага надеж во новиот бугарски премиер Кирил Петков како прагматична личност кој сака да гледа напред, иако треба да се земат предвид и коалициските партнери кои нема да се откажат од националистичките претензии.

„Ако се посветиме како што рече господинот Петков, новиот мандатар на бугарската влада дека ќе се оди на работни групи кои што интердисциплинарно ќе го согледаат дијалогот помеѓу двете држави Република Бугарија и Република Македонија надеж има. Значи тој интердисциплинарен пристап каде што историјата може да биде ставена во друг контекст, каде што ќе се гледа исклучиво научна димензија на двете историографии без политички притисок може да донесе некаков резултат“, додаде Марјан Ѓорчев.

Пишувањето на угледниот германски весник Франкфуртер алгемајне цајтунг според кој Бугарија бара да се фалсификува историјата силно ја погоди официјална Софија. Написот излезе во пресрет на одржувањето на Советот на Европската унија кога се очекува од бугарската страна да го тргне ветото. Колку европските сојузници, но и поддршката на Соединетите Американски Држави искажана и во неодамнешната посета на високиот американски дипломат Габриел Ескобар ќе има влијание во одлуката на Бугарија.

„Улогата на Соединетите Американски Држави пред се во безбедносната сфера за Европскиот континент е многу важна и мислам дека ќе помогне на некој начин во откочување на овој процес. Исто така и на Европската унија, таа треба да ги сочува своите вредносни принципи за одвивање на преговарачкиот процес и да отфрли се што претставува нешто вон европските вредности. Дијалог за историски континуитет, дијалог меѓу државите кои што се одамна етаблирани во Европа со своите сите државнички атрибути – нација и јазик е невозможно, така што Европа треба да ги почитува само своите стандарди“, вели Марјан Ѓорчев.

Советот на Европската унија на која што ќе биде познато дали Бугарија ќе го тргне ветото треба да се одржи на 14 декември. Дотогаш Македонија и Бугарија треба да постигнат договор за отворените прашања,откако се најавува дека во наредниве денови ќе се формира новата бугарска политичка влада.