Најавената посета на бугарски медицински конзилиум во Македонија е причината за заминувањето на Ива Михајлова во Бугарија, смета министерот за здравство Сашо Клековски. Тој вели дека бугарските специјалисти требало заедно со македонските лекари да ги проверат нејзините наводи за здравствената состојба.
„Бегството е поради доаѓањето на бугарскиот конзилиум тука. Тој требаше заедно со македонските лекари да ги провери наводите на лицето. Мислам дека тогаш ќе излезеа работите на виделина какви се. Јас патувам во Софија, ќе разговарам секако со нивното Министерство за тоа, бидејќи во основа таму нема здравствен случај“, изјави Клековски.
Против Ива Михајлова се води судска постапка во Основниот суд во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици. Во текот на процесот таа се жалеше на дискриминација поради двојното македонско и бугарско државјанство, наведувајќи дека не ѝ било дозволено да се лекува во соседна Бугарија.
Нејзиниот татко, Симеон Михајлов, исто така се наоѓа во Бугарија по изречената затворска казна од 12,5 години во случајот „Детонатор“.
Македонските власти имаат распишано меѓународни потерници и по Ива Михајлова и по нејзиниот татко.
Случајот отвори прашања за здравствените наводи на Михајлова и можноста тие да бидат проверени од медицински специјалисти од двете земји, додека судската постапка против неа се води пред надлежните македонски институции.
