Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Николовски уште во ноември 2018 година знаел дека се случува Рекет откако и Орце Камчев пријавил, но не презел ништо, вели пратеничката Фросина Ременски, што фрла сомнеж за прикривање. Таа утрово беше во Антикорупциска за да утврди до каде е пријавата за овој случај, во кој навела дека Николовски живеел во куќа на адвокатот на Орце Камчев, кој го пријавил Рекет.
„Останува дополнително да се истражат можностите и релациите за можна корупција поврзано со актуелни предмети и предмети на Специјалното јавно обвинителство, односно дали тој како директор од таа позиција влијаел или овозможил некакво добро на свој поранешен шеф, а поврзано и со актуелниот предмет Рекет. И за мене е несфатливо и непоимливо да кажеме зошто во тој период имаме советување за снимање во дом на лице во куќен притвор од страна на овластено лице кое што имало можност и обврска да преземе службено дејство“, истакна Фросина Ременски.
Покрај ова Ременски рече и дека поднела пријава за незаконско пензионирање на Силјан Аврамовски, како и за злоупотреба на тендерска постапка во МВР во вредност од 4,2 милиони евра за кое обвинителството веќе 7 години не постапува. Поради таа пријава бев суспендирана од позицијата во Факултетот за безбедност, вели Ременски.
„Станува збор за класична злоупотреба на тендерска постапка во опремување на Министерството за внатрешни работи преку злоупотреба на Министерството за образование, односно Факултетот за безбедност во врска со три лаборатории. Токму на опрема од кривична дела се врши вештачење на предмети од кривични дела“, посочи Ременски.
На новинарско прашање околу информациите дека нејзиниот сопруг Јовче Ременски требал да сведочи во случајот Рекет таа рече дека станува збор за интересен момент кој се појавил во медиумите. Голем од медиумите пренесоа на еден индикативен начин за сопругот на Фросина Ременски, обвинета во случајот Меѓународен сојуз, а изостана тоа дека јатрвата на Радмила Шекеринска вчера сведочеше во Рекет, забележа таа.
