Македонија е една од најсиромашните држави во Европа и треба да се соочиме со тој факт. Има политичка констелација и стабилно мнозинство кое ако сака може да ги спроведе болните структурални реформи за кои зборуваме децении наназад и да го подобри животниот стандард на граѓаните. Ова го порача во емисијата Бизнис 21 поранешниот министер за финансии Кирил Миноски.
„Судија за тоа дали некој на соодветен начин ги спроведува реформите, најдобар судија е секако животниот стандард и граѓаните. Граѓаните тоа ќе го почувствуваат“.
-Каков е животниот стандард на граѓаните во моментов?
„Па, едноставно Македонија е една од најсиромашните држави во Европа. Тоа е животниот стандард. Ние треба да се соочиме со тој факт. Првиот чекор во процесот на учење е соочување со реалноста“, вели Миноски.
Миноски со порака до Владата – да се вклучи во дијалогот на Економско-социјалниот совет и да се изнајде решение за раст на платите. Во однос на главното оправдување на Владата дека растот на платите ќе ја порасне и инфлацијата, Миноски со став:
„Фридман говори дека главниот креатор на инфлацијата е најчесто владата. Државата треба да си преземе соодветни мерки, да се вклучи активно во овој процес на социјален дијалог и да помогне во изнаоѓањето на решението, затоа што целта на сите три чинители во процесот на социјален дијалог е унапредување на животниот стандард. Мора да се бараат решенија, мора да имаме раст на реалните плати и раст на животниот стандард. Во суштина, суштината на бавење со политика и креирање со политика е унапредување на животот на граѓаните“, вели Кирил Миноски.
Миноски алармира дека со јавен долг од 63% од Бруто-домашниот производ земјава е најзадолжена во регионот. Новите еврообврзници кои ги издаде земјава, од вкупно 1 милијарда евра, и вкупниот долг од 8,8 милијарди кој треба да се врати во наредните пет години, во ситуација кога имаме структурални проблеми во економијата, ќе бидат дополнителен товар за бизнисот и граѓаните, смета тој.
„Јас се надевам дека нема да дојдеме до ситуација во која што Македонија би прогласија она што се вика „дифолт“ значи неможност за да ги исплати своите обврски. Се надевам дека нема да дојдеме до таква ситуација. Прашањето е хипотетичко, воедно е загрижувачко, меѓутоа сметам дека ќе треба да се изнајдат соодветни решенија во процесот на управување со јавни финансии и можеби кратење на расходите, водење на една рестриктивна фискална политика“, вели Кирил Миноски.
Во однос на тоа дали се поволни каматите кои ќе ги враќаме за еврообврзниците од 1 милијарда евра, како што истакна министерката за финансии – Миноски смета дека секое задолжување со камата повисока од растот на Бруто-домашниот производ на земјата, не креира раст туку долг кој ќе го враќаат идните генерации.
