Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања на денешното отворање на реновираниот студентски дом „Стив Наумов“, се осврна и на случајот со изнајмувањето на „Македониумот“ во Крушево за снимањето на спотот на косовскиот рапер Дон Џони.
„Навистина тоа коешто таму се случило, претставува нешто коешто не требало да се случи. Јас ќе побарам од министерот за култура и туризам да биде разрешен директорот на таа институција заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип на институции не треба да бидат изнајмувани користени за такви намени“, изјави Мицкоски.
Тој им се извини на граѓаните поради направениот пропуст.
„Ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори, така што уште денеска ќе побарам да бидат и членовите на Управниот одбор и директорот на таа културна институција разрешени“, рече Мицкоски.
