Поранешниот заменик-министер за транспорт, Беким Реџепи, реагираше на денешниот настан со кој се означи почетокот на втората фаза на од автопатот Скопје–Блаце, посочувајќи дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ–ВЛЕН промовира проект кој, според нивните претходни изјави, беше критикуван како криминален, коруптивен и неизводлив.
„Но, овој проект не започнува од нула во 2026 година. Подготовките, проектирањето, обезбедувањето на финансирањето и процедурите се одвиваа порано, во периодот кога ДУИ беше дел од Владата. За 10,5 километри, пријавениот договор е околу 222 милиони евра. Станува збор за повеќе од 220 милиони евра јавни средства. Во октомври 2024 година, Владата и нејзини претставници остро го критикуваа проектот. Притоа беше повикувано на писмо од консултантската компанија SUEZ од 31 мај 2024 година, со тврдење дека вредноста на проектот се зголемила од околу 172 на 240 милиони евра, а дека можела да достигне и до 300 милиони евра“, вели Реџепи во реакцијата испратена до ТВ21.
Денес, како што вели Незири, истиот проект се претставува како успех на актуелната Влада.
„Ако проектот е ист – што е променето? Дали е променет проектот? Дали е променета документацијата? Дали се отстранети проблемите на кои укажуваше Николоски? Што се случи со писмото на SUEZ од 31 мај 2024 година? Каде е тоа писмо и што точно стои во него? Ако проблемите се отстранети, што е променето и колку чинело тоа? Кои ќе бидат подизведувачите?“, прашува екс-заменик министерот за транспорт.
Според него, Владата треба јавно да го објави писмото на SUEZ, да го објави договорот, да ја појасни конечната вредност на проектот да ги објави сите промени во проектот и документацијата, да појасни дали е спроведена истрага и кои се нејзините заклучоци, како и да објави кои се подизведувачите.
„Скопје–Блаце треба да се изгради. Но, овој проект не е роден денес. Тој има своја историја, обезбедено финансирање и документација подготвувана во претходниот период“, вели Реџепи.
