Експертите посочуваат дека позитивниот тест за ХПВ не е причина за паника

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Речиси сите карциноми на грлото на матката се предизвикани од инфекции со хуман папилома вирус (ХПВ), па затоа е разбирливо за жените да се дијагностицира ХПВ, но здравствените експерти велат дека тоа не е причина за тревога, објави во понеделникот германската агенција ДПА.

ХПВ инфекцијата не е преканцерозна состојба, а камоли рак, посочува Сузана Вег-Ремерс, раководител на Службата за информации за рак (КИД) на Германскиот центар за истражување на рак (ДКФЗ). Таа вели дека ХПВ обично нема симптоми и обично се отфрла од имунитетниот систем на телото по некое време.

Само мал број на продолжени инфекции со ХВП резултираат во промени во ткивото што можат да бидат претходник на рак на грлото на матката, рече таа, додавајќи дека тестирањето за ХВП најчесто се прави за да се процени ризикот од рак.

Постојат повеќе од сто варијанти на ХПВ, што е најчеста сексуално пренослива инфекција. Повеќето сексуално активни жени и мажи ќе бидат заразени во одреден момент од нивниот живот, а некои може да се заразат постојано, според Светската здравствена организација (СЗО).

Во делови на Европа, жените над 35 години сега се рутински тестирани за ХВП како дел од скринингот за карцином. Како резултат, откриени се повеќе инфекции отколку што беше случај претходно.

Ако тестовите се негативни, жените се тестираат на секои три години, според КИД. Позитивен тест укажува на клинички значајна ХПВ инфекција на грлото на матката и зголемен ризик од промени во ткивото. Во овој случај, следниот тест се прави по една година.

Ако и тој е позитивен, три месеци подоцна жената се подложува на колпоскопија. Колпоскопија е медицинска постапка што ги набудува грлото на матката, вагината и вулвата под големо зголемување со помош на специјално дизајниран подвижен микроскоп, наречен колпоскоп.

Во случај да бидат откриени само мали промени во ткивото, жените мора да одат на почести прегледи за да ги следат овие промени. Големите промени можат да бидат преканцерозни и затоа се отстрануваат како мерка на претпазливост.

Постојат вакцини против ХПВ. Постојаниот комитет за вакцинација на институтот Роберт Кох, одговорен за контрола и превенција на болести во Германија, препорачува момчињата и девојчињата да се вакцинираат против ХВП на возраст од 9 до 14 години.