Експертска мисија на TAIEX за усогласување на системот на плати во јавниот сектор, Минчев: Да воспоставиме правила јасни и еднакви за сите

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Системот на плати во јавниот сектор е со различни правила, процедури и практики меѓу институциите, што создава нееднаквости и ја отежнува примената на јасни и единствени стандарди за вреднување на работата. Воспоставувањето праведен систем е една од важните реформи на кои работи Министерството за јавна администрација. Во таа насока, денеска започна петдневната TAIEX експертска мисија која ќе помага за воспоставување единствен и усогласен систем на плати во јавниот сектор.

Мисијата ја отворија министерот за јавна администрација, Горан Минчев и вршителката на должноста амбасадор на Република Грција, Христина Василату. Експерти од грчкото Министерство за национална економија и финансии ќе го пренесат искуството од грчкиот Единствен систем на исплата, модел кој овозможува централизирано и усогласено управување со исплатите во јавниот сектор.

„Нашата цел е јасна, да воспоставиме систем во кој правилата ќе бидат јасни и еднакви за сите, а принципот „еднаква плата за еднаква работа“ да биде реално применлив во целиот јавен сектор“, рече Минчев.

Се планира законското решение да биде заокружено до крајот на 2026 година, а неговото постепено и систематско спроведување да започне во 2027 година.

„Не сакаме да копираме туѓ модел. Сакаме да го разбереме, да го анализираме и врз основа на нашите институционални, законски и финансиски услови да изградиме решение кое ќе биде функционално и применливо за Северна Македонија“ истакна Минчев.

Според него, целта е да се создаде систем што нема само да ги поедностави процесите, туку ќе донесе поголема транспарентност, подобра контрола на јавните средства и поквалитетни податоци за носење јавни политики. За Министерството за јавна администрација, ова е конкретен чекор во реформата за градење на поефикасен и поправеден систем на плати, систем во кој правилата се јасни, одговорноста е прецизно утврдена, а јавните средства се управуваат поефикасно и потранспарентно, се вели во соопштението на министерството.