Драма на украинско-полската граница: Руските дронови за влакно ги промашиле Борис Џонсон, екс-шефот на ЦИА Петреус и Карл Билт

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Високи западни политички и безбедносни лидери вчера за влакно избегнале директен руски воздушен напад, откако беспилотен дрон разнесе локомотива на железничката станица Јаходин, на само два километри од границата со Полска и територијата на НАТО.

Украинската државна железница „Укрзализниција“ соопшти дека е „сосема веројатно“ цел на рускиот напад да бил токму дипломатскиот воз, во кој патувале поранешниот британски премиер Борис Џонсон и поранешниот шведски премиер Карл Билт, враќајќи се од безбедносната конференција (YES) во Киев.

Катастрофата била избегната во последен момент бидејќи диспечерите во реално време го промениле возниот ред поради безбедносни закани, па дипломатскиот воз тргнал порано од предвиденото.

Благодарение на брзата реакција и 15-минутното рано предупредување, сите 206 патници од погодениот воз биле безбедно евакуирани пред ударот и нема жртви.

Џонсон: „Не знам каква извртена логика го водела Путин“

Поранешниот британски лидер Борис Џонсон, кој бил известен за итна подготовка за евакуација во 5 часот наутро, упати жестоки критики до Москва преку својот профил на X. „Не знам каква извртена логика го водела Путин утрово да разнесе стационирана украинска локомотива на самата полска граница. Она што со сигурност можеме да го кажеме е дека ова е токму оној вид на случаен и бесмислен напад што Украинците го преживуваат секој ден — дури и на цивилните железници“, напиша Џонсон и побара од сојузниците итно да му обезбедат на Киев „воздушна одбрана која му е неопходна“.

Билт: „Нашиот воз доби предупредување за евакуација“

Поранешниот премиер на Шведска, Карл Билт, кој патувал на истата релација, сподели драматична видеоснимка од нападот на X и го пофали одговорот на украинските служби. „Ова не беше нашиот воз, туку оној што беше само неколку минути зад нас до полскиот граничен премин. Беше евакуиран како што се приближуваше рускиот дрон и никој не е повреден. Многу добар безбедносен систем. Нашиот воз само што доби предупредување за евакуација“, напиша тој.

„Во возот во кој бев јас, добивме наредба да се подготвиме за евакуација откако тој запре. Но, по неколку минути бевме информирани дека патот е чист и дека можеме да продолжиме“, изјави Билт за Би-би-си.

Петреус: „варварски обид на Русија да ги тероризира цивилите и меѓународните посетители“

Додека дипломатскиот конвој на Џонсон и Билт успеал да замине, поранешниот директор на ЦИА, генерал Дејвид Петреус, се наоѓал во трет, стациониран воз заглавен на самата станица во Јаходин во моментот кога удрила беспилотната летала.

Според угледниот The Guardian, Петреус лично го слушнал приближувањето на дронот и силната експлозија што уследила, по што патниците во паника морале да бегаат во засолниште. Петреус во медиумите го опиша нападот како „варварски обид на Русија да ги тероризира цивилите и меѓународните посетители“.

Потврда од Москва и реакција од Киев

Руското Министерство за одбрана, преку државната агенција ТАСС, соопшти дека целта била легитимна и дека гаѓале „објекти на железничката инфраструктура во западна Украина кои се користат за транспорт на воен товар од европските земји“.

Вчера, украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, изјави дека настанот е јасна и директна провокација насочена кон Западот: „Ова е теророт на Путин кој тропа директно на вратите на ЕУ и НАТО“.